Пред цела деценија психологот Бери Шварц објави книга со контраинтуитивен наслов - „Парадоксот на изборот: зошто повеќе е помалку". Неговата теза беше дека модерниот свет нуди толку многу опции за тоа како може или како треба да се живее животот, што на крај речиси секој мисли дека во него можел да мине и подобро, и посреќно. Прекумерната можност за избор, дури и тогаш кога е всушност илузорна, нè прави постојано да ги преиспитуваме нашите одлуки, да си ги билдаме очекувањата и да се обвинуваме за нашите грешки.
Денес, десет години подоцна, Шварц е повторно интервјуиран во врска со неговите ставови, кои не само што не се збајатиле во меѓувреме, туку со развојот на социјалните медиуми и интернет комуникацијата воопшто, станале уште поактуелни.
Шварц ги дели луѓето на „сатисфајзери" (задоволници), кои прифаќаат работи кои се „доволно добри", и „максимајзери" - луѓе кои сметаат дека постојано треба да ја бираат најдобрата можна опција. Вторите заради сопствената амбиција заработуваат повеќе, но според истражувањата на Шварц, се незадоволни па често дури и клинички депресивни.
„Кога луѓето имаат контакт со нешта со висок квалитет, тие почнуваат да страдаат од клетвата на истенчениот вкус. Понискиот квалитет кој порано им бил сосема прифатлив, сега не е доволно добар. Хедонистичката нулта точка постојано расте, исто како и очекувањата и аспирациите. Како резултат на тоа, растечкиот квалитет на искуството оди рака под рака со растечките очекувања, и луѓето така само трчаат во место. Сè додека очекувањата одржуваат темпо со нивното остварување, луѓето можат да живеат подобро, но не и да се чувствуваат подобро во врска со тоа како живеат", вели тој.
Решението според Шварц е човек да почне да ги сака работите кои се прифатливи, иако знае дека „некаде таму" има и подобро. Не за џабе за нешто се вика дека е „доволно добро" - сè над тоа може да е прекумерно и непотребно. Ова се однесува и на предмети, но и на искуства, затоа што кога се работи за среќа и задоволство да си „ок" со себе и со другите некогаш не звучи само добро, туку совршено.
Наш коментар, со туѓ глас и стихови
The wealthiest person
Is a pauper at times
Compared to the man
With a satisfied mind