За да ги популаризира Олимписките игри кои се одржале во Токио во 1946, компанијата Јамаса го дизајнирала првиот степ-каунтер или бројач на чекори, „манпо-кеи“, кој можел да се носи закачен на себе. Зад концептот всушност стоел доктор по име Јоширо Хатано, кој дошол до магичната бројка од 10.000 чекори кои треба да се направат во текот на денот за човек да биде „фит“, на исто толку „магичен“ начин.
Виновник за целата работа всушност не е човек, туку еден - симбол. Имено, јапонскиот идеограм за бројката 10.000 е нешто што личи на човек кој оди. Идеално за рекламирање и на педометарот и на целата идеја. Ако е веќе така, зошто пет или седум илјади, кога може баш десет?
Бројката е земена поради канџи-то, но и како двојна од бројот на чекори кои во просек ги правеле Јапонците во 1960-тите, до 5.000. Целта била населението да се поттикне на поголема активност, и на одржување на тежината, која додуша кога се во прашање Јапонците не претставува толку голем проблем на национално ниво колку, на пример, помеѓу Американците и други народи од западот.
Доктор Хатано пресметал дека 10.000 чекори дневно би согореле 500 екстра калории, односно би можеле да заменат некаква поагилна физичка активност на која луѓето поретко се одлучувале. Да се тренира тенис или да се оди на пливање е покомплицирано отколку просто да не се користи автомобил за до работа, или наместо со лифт човек да се качува пар спратови по скали.
Во текот на изминатите педесетина години, идејата за 10.000 чекори дневно полека почнала да се шири, за да се најде на листата препораки во речиси глобални рамки. Се смета дека сè под 5000 чекори е „седентарно“, односно седачко, за ниска активност се смета правењето 5-7500 чекори, за „делумно активно“ 7500-9999, а за активно сè над 10.000.
Но...
Ваквата фитнес „урамниловка“ не само што не мора да има позитивен ефект врз одредена група население, туку обратно, може да им ја влоши состојбата. Повозрасните и оние кои имаат хронични болести не смеат да се држат за оваа мерка како за универзална, а пак од друга страна таа е прениска за деца кои имаат проблем со тежината.
Денес Светската здравствена организација и други институции и организации од овој вид ја користат мерката од десет илјади чекори како генерална препорака, но истовремено не сакаат да ги демотивираат оние кои би се откажале од пешачење само затоа што не можат да ја постигнат. Подобро е да се пешачи со малку поголема брзина од вообичаеното „лангзам“ одење, па макар и помалку чекори, отколку да не се пешачи воопшто.