Mладиот Кафка имал талент за цртање

Самиот не си ги ценел, но цртежите на младиот Кафка покажуваат склоност кон естетски минимализам, кого понатаму го негувал и во своите книжевни дела. 

Кога слушнале дека нивниот најстар син, Франц, нема намера да го наследи семејниот бизнис на таткото Херман, родителите на Кафка инсистирале тој да се запише на „лукративен“ факултет. Го одбрал правниот, не затоа што многу го интересирал туку затоа што на тој начин можел да ја одложи одлуката за својата професионална иднина на неколку години.

Студентот Кафка не се посветил многу на суштинските правни предмети, туку бирал курсеви од областа на уметноста, архитектурата и филозофијата. Во раната фаза, тој не се гледал себеси како писател. Помеѓу неговите две љубови - визуелната уметност и литературата, изгледало дека првото би можело да победи. На свое изненадување во себе открил значаен талент за цртање, и почнал да ги исполнува своите тетратки со скици.

Една од инспирациите му биле „јапонските“ дела на Емил Орлик, австриски Евреин кој изучувал уметност во Јапонија. Она што му се допаднало биле минимализмот и длабочината позади нешто што навидум изгледало многу едноставно.

Помеѓу архивските материјали на Кафка има и еден негов црн тефтер полн со цртежи. На неговите последни страници има фрагмент насловен со „Патување - не знам“, кој почнува со зборовите: „Таа спие, не сакам да ја будам“. Неговиот пријател Макс Брод на одделна страница напишал дека овој извадок веројатно бил напишан во 1920 (Кафка умрел во 1924), што може да биде и назнака за времето од кое потекнуваат и цртежите.

Зошто писателот го напуштил цртањето и се препуштил само на книжевноста? Одговорот можеби се крие во нешто што тој му го кажал на својот пријател Густав Јанoух, содржан во книгата „Разговори со Кафка“ (1953).

„Би сакал да бев способен да цртам. Всушност, секогаш се обидувам да го правам тоа. Но од тоа не излегува ништо. Моите цртежи се само пишување во слики, чие значење по некое време дури ни јас не можам да го откријам“.

Иако она што е сочувано се само нафрлени скици, штета што Кафка не продолжил да црта, бидејќи делува дека би можел да се развива и во оваа, визуелна сфера.


извор

10 јуни 2021 - 15:48