Преку комбинација на уметност, пишувани документи и за'рѓан пиштол кој бил пронајден од селанец во 1960 на полето со пченка на кое Ван Гог си го одзел животот во 1890, „На работ на лудилото" како што гласи насловот на изложбата, тврди дека наместо да биде инспирација за неговата уметност, болеста на сликарот била пречка за изразување на неговиот талент. Тој сепак херојски ѝ се спротивставувал, постојано работејќи на дела кои во текот на неговиот живот воопшто не се продавале.
Сликата за него како за „луд гение" е честа во делата посветени нему - францускиот драматург Антонин Арто, кој ги поминал последните години од сопствениот живот по лудници, го нарекол Ван Гог човек „самоубиен од општеството", а пак во филмот од 1956, „Страст за животот" со Кирк Даглас во главната улога, ликот на сликарот е трагично неспособен да си ја контролира истата онаа енергија која го прави одличен уметник.
Целата приказна врзана за неговиот лик сепак потекнува од неговото дело. Во „Автопортрет со уво во завој" од 1889 тој е прикажан во момент откако си го пресекол увото со жилет и ѝ го дал парчето на локална проститутка. Тој често е толкуван како истовремено маченички, но и како симбол на некакво катарзично лудило. Вистината, според неодамна откриено писмо од д-р Феликс Реј, вклучено во изложбата, е дека Ван Гог не само што си исекол дел од увото, туку целото лево уво. Со тоа во вода паѓа и теоријата на некои историчари според која увото било отсечено од пријателот на Винсент, Пол Гоген, во „игра" со меч. Според д-р Реј се работи за порадикална, намерна и болна ампутација, која само била вовед во неговото самоубиство.
Присуството пак на пиштолот е негација на теоријата на двајца американски биографи дека Ван Гог не се убил самиот, туку дека е убиен - 7мм џепен револвер бил пронајден на местото каде тој се погодил во гради, а неговата екстремна корозија покажува дека таму стоел долго време. Со оглед на малиот калибар станува јасно зошто на сликарот му требале 30 часа да почине од куршум испукан од толку блиску.
Од сето ова произлегува дека сликањето за Ван Гог, наместо да е „креативна игра со неговите внатрешни демони" всушност бил контролирана и постојана активност која му овозможувала да остане колку-толку нормален и да се посвети на она по што го паметиме - неговата уметност.
Изложбата се отвара на 15 јули, а ќе трае до 25 септември.