Мистеријата на д’ткањето

Се смета дека во светот 70 милиони луѓе пелтечат, односно имаат проблем со започнување и одржување на континуитетот на говорот, што резултира со паузи и повторувања. Оваа бројка вклучува околу 5% од децата, кои можат и да ја надминат оваа состојба, како и 1% од возрасните. Помеѓу нив има и актери (Џејмс Ерл Џонс,Емили Блант), претседателски кандидати (Џо Бајден), па дури и еден некогашен крал (британскиот Џорџ Шести).

Веројатно се сеќавате на филмот „Говорот на кралот“ од 2010, британска историска драма во која Колин Фирт го игра идниот крал Џорџ Шести. Тој, во пресрет на наследувањето на тронот откако брат му неочекувано абдицира, се соочува со херојски предизвик - да научи како да престане да д’тка. Неговиот терапевт, кого го игра Џефри Раш, на моменти е суров, давајќи му да го чита славниот монолог од Хамлет, „да се биде или не“. Минувајќи низ големи кризи и повремени успеси, кралот на крајот на филмот успева да прочита цел радио говор, обраќајки ѝ се на јавноста откако Британија ѝ декларира војна на Германија. 

Џералд Мaгир (Gerlad Maguire) пелтечи од детство, иако тоа денес не му се познава. Изминатите 25 години тој, како психијатар на Универзитетот Калифорнија во Риверсајд, се има самотретирано со антипсихотички лекарства кои не се официјално дозволени за оваа состојба. Иако во неговиот случај тие делуваат, тој сè уште е во процес на истражување на несаканите ефекти, во моментов на нов лек, екопипам, кој се покажал како добар во мала пилот студија од 2019.

Изминатите децении терапевтите погрешно го припишувале пелтечењето на дефекти на јазикот или гласовниот апарат, на анксиозност, траума па дури и на проблеми од детството, а некои сè уште се држат до овие теории. Сепак, во моментот предничат оние кои сметаат дека станува збор за невролошки проблеми, како на пример променет доток на крв во мозоците на луѓето кои д’ткаат.

Иако има уште многу да се работи на оваа тема, изгледа дека се случува напредок во оваа смисла. Невронаучниците забележале суптилни разлики во мозоците на луѓето кои д’ткаат, но не можат да бидат сигурни дали тие се причина, или резултат на пелтечењето. Генетичарите идентификуваат варијации во одредени гени кои можеби предиспонираат некого да д’тка, но и ова е загадочно, бидејќи врската помеѓу гените и мозочната анатомија исто така не е добро истражена.

Терапијата на Магир во моментов се базира на допамин, хемиски пренесувач на пораки во мозокот, кој овозможува регулирање на чувства и движења, како прецизните движења на мускулите кои се потребни за разбирлив говор. Научниците почнуваат да ги поврзуваат овие одделни нишки во едно, а раните тестови за третмани базирани на нивни откритија се во тек.

Еден од тие третмани е стимулација на специфични делови од мозокот во тек на говор. Притоа се користат електроди поставени на скалпот кои нежно стимулираат сегмент од областа на мозокот кадешто се центрите за слушање, а со цел да ги засилат врските помеѓу таа точка и онаа која е одговорна за движењата во текот на говорот. Ова се случува додека пациентот минува низ традиционална говорна терапија, со надеж дека ќе ги зголеми нејзините ефекти.

Хормони, гени, неврални врски...Фактот дека почнуваат да се појавуваат повеќе истражувачи и проекти посветени на пелтечењето дава надеж дека предизвикувачот или предизвикувачите наскоро ќе бидат идентификувани. А со тоа и терапијата.

извор

Илустрација: билборд во Холандија, креиран од фирмата Y&R

7 септември 2020 - 11:27