Последниот роман на швајцарскиот писател Роберт Валзер (1878-1956), „Крадецот“ бил пронајден во 1972. Самиот тој починал петнаесет години претходно, откако поминал речиси три децении во санаториум. До тогаш бил релативно успешна книжевна фигура на берлинската книжевна сцена на раниот дваесетти век, но во текот на својот долг престој во институција во татковината - од каде одбил да се врати во „нормалниот“ живот, и покрај тоа што барем надворешно делувал дека е психички здрав - тој, освен спомнатиот роман, оставил уште еден куп записи. Неговото таканаречено лудило, осамената смрт и постхумно откриеното богатство од негови тајни текстови така станале темелите врз кои се градела легендата за Валзер како скандалозно маргинализиран гениј.
Наследството меѓу другото се состоело од петстотини парчиња хартија исполнети со микроскопски ракопис со пенкало, кој бил толку тежок за читање што адвокатот што бил најмен сметал дека е дневник напишан со таен код. Всушност Валзер никогаш не пишувал дневник, а ни ракописот не бил шифриран, туку тој пишувал со толку необични кратенки, служејќи се со архаично германско писмо, што дури и оние кои подоцна навлегле во неговите тајни сепак не можеле секогаш најпрецизно да одредат што сакал да каже.
Тој го измислил овој начин на пишување како некој вид лек за својата писателска блокада. Во писмо од 1927 до својот уредник, Валзер тврдел дека ваквата стенографска техника му овозможува надминување на „грчевите и кататонијата“ кои му се јавувале секогаш кога посегнувал по пенкало. Ова веројатно повеќе ми личело на црткање кроки портрети, па оттаму и не му ги поттикнувало истите реакции. Истовремено, начинот на пишување прави материјалите да изгледаат како модернистички колажи, или „микротекстови“.
Токму така и гласи насловот на збирката текстови кои конечно биле дешифрирани на германски во 2000-тите, а чиј превод на англиски излезе во 2012 година, богато илустрирана. Станува збор за 25 кратки раскази на теми кои варираат од ракија, малограѓански живот, свињи, љубомора и злобни сопрузи.