„Месечеви дрвја“ - каде има растенија пораснати од семки што биле во вселената?

Една од последните мисии на „Аполо“ до Месечината понела и нешто невообичаено – семиња од дрвја. Тие подоцна биле вратени на Земјата и засадени, но денес за голем дел од тие „вселенски“ растенија не се знае каде завршиле. НАСА и волонтери составуваат список и ги обележуваат ваквите вселенски патници. 

Во сивa пластична саксија на прозорец некаде во јужна Англија, Ричард О’Саливан, администратор во Кралското астрономско друштво, се обидува да одгледа американски платан. Самото одгледување дрво од семе е предизвик, но ова не е обично младо дрвце. Неговото потекло води до 1971 година и мисијата „Аполо 14“, кога астронаутот Стјуарт Руса понел околу 500 семиња во леталото што орбитирало околу Месечината. Дрвјата израснати од тие семиња подоцна станале познати како „Месечеви дрвја“. Ако растението на О’Саливан опстане, тоа ќе биде ретко дрво од трета генерација.

Семињата што тој ги добил потекнуваат од зрело дрво од втора генерација кое растело во приватна градина во централна Англија. Од 40 собрани семиња, никнале само три, а тој има едно од нив, што подразбира и голема одговорност.

Идејата семиња да се носат на Месечината потекнува од раната кариера на Стјуарт Руса, кој во 1950-тите работел за Американската шумска служба. Пред да стане воен пилот, тој бил тн. „смоук џампер“ – пожарникар што со падобран скока во шумски пожари за да помогне во нивното локализирање. По успешна кариера како борбен и тест-пилот во американските воздухопловни сили, Руса бил избран за астронаут во 1966 година. Неговиот прв лет во вселената бил како пилот на командниот модул на „Аполо 14“, што значело дека тој сам орбитирал околу Месечината додека другите двајца астронаути слетале на нејзината површина. 

Додека Руса се подготвувал за мисијата, Шумската служба го замолила да понесе семиња како личен товар. Тој прифатил, а биле избрани пет видови: дагласова ела, бор, секвоја, платан и јавор. Иако на прв поглед тоа личи на пропаганден потег, експериментот имал научна основа – се испитувало како патување во длабока вселена влијае врз здравјето и генетиката на семињата.

На 31 јануари 1971 година, екипажот на „Аполо 14“ полетал кон Месечината. По кризата со „Аполо 13“, НАСА била под огромен притисок мисијата да помине без проблеми, но и оваа не поминала без тензии. При обидот Руса да го спои командниот модул со лунарниот модул, механизмот за заклучување не функционирал. Дури по шест обиди и речиси два часа, леталата конечно се споиле.

Потоа мисијата минала речиси беспрекорно. Шепард и Ед Мичел направиле најпрецизно слетување дотогаш, собралe околу 43 килограми карпи и поставиле нови рекорди за време и растојание на Месечината. Во меѓувреме, Руса и семињата поминале два дена сами во орбита, што го прави еден од ретките луѓе што биле целосно сами во длабока вселена.

По враќањето на Земјата на 9 февруари 1971 година, семињата биле предадени на Шумската служба, а неколку задржале и самите астронаути. Тука приказната станува нејасна – иако експериментот бил официјален, не биле водени прецизни евиденции каде точно се засадени семињата и каде растат „Месечевите дрвја“.

Многу од нив биле поделени како подароци, особено за време на 200-годишнината од независноста на САД во 1976 година. Денес некои се наоѓаат во ботанички градини и паркови, па дури и во Белата куќа, каде се соодветно одбележани. Познато е дека неколку се засадени и надвор од САД – во Бразил, можеби во Франција и Велика Британија – но точните локации често се изгубени.

По смртта на Руса во 1994 година, неговата ќерка ја основала фондацијата „Мун три“ за да го зачува неговото наследство. НАСА, пак, има објавено список со локации на повеќе од 60 дрвја од првата генерација што сè уште постојат. Фактот што тие дрвја растат и даваат нови семиња покажува дека патувањето околу Месечината не им наштетило значително.

Денес, одгледувањето растенија во вселената е клучно за идните долги мисии кон Месечината и Марс. А наследството на програмата „Аполо“ продолжува да живее – не само во историјата на вселенските летови, туку и во дрвјата што некогаш биле до Месечината, а денес растат тивко во паркови и градини на Земјата.

извор - подкаст Радиолаб

13 јануари 2026 - 08:22