Во јули турскиот парламент реши дека секоја одлука донесена пред 2012. за запирање на продажбата и диструбуцијата на печатено дело ќе се смета за ништовна доколку судот не ја потврди во тек на шест месеци.
Рокот истече пред неколку дена, и не е регистрирана ниту една ваква oбнова на забрана. Со тоа само во главниот град се „ослободени" 453 книги и 645 списанија. Помеѓу нив се, на пример, „Комунистичкиот манифест" на Маркс и Енгелс, делата на Сталин и на Ленин, како и на домашни автори како Азиз Несин, Исмаил Бешкчи и Абдурахим Каракоч, чии книги биле забранувани заради политичката атмосфера во минатото. Но има и стрипови (италијанскиот Капетан Мики), еден атлас (National Gеographic Atlas of the World), извештај за состојбата со човековите права во Турција и еден есеј за Курдите.
Се претпоставува дека до сега биле забранети 23,000 книги во цела земја, но точниот број засега не се знае, бидејќи забраните не биле воспоставувани на централизиран начин туку биле иницирани од различни институции во различни градови и времиња.
Некои од забраните се едноставно заборавени, па така собраните дела на турскиот поет Назим Хикмет, кој умрел во егзил во Москва во 1963., одамна се достапни во библиотеките и покрај забраната. Но важи и обратното - и покрај тоа што забраните формално ќе се укинат, можно е оние кои ги печатат или издаваат книгите по инерција да продолжат да ги цензурираат. Така, поранешен директор на една од поголемите издавачки куќи во Турција, Ајринти, вели дека и покрај тоа што одлуката едно нивно издание „Филозофија во спалната соба" на Маркиз де Сад, во еден момент била укината, книгата и понатаму не се става на рафтовите на некои книжарници и библиотеки.
Скептицизмот од реформата е оправдан со оглед на сè поголемиот број судски случаи поврзани со слободата на говорот во Турција - Здружението за заштита на новинарите тврди дека со 49 новинари зад решетки, од кои повеќето се Курди, Турција во моментов има најголем број затворени новинари во светот. Самиот премиер, Реџеп Таип Ердоган во ноември јавно зборуваше против телевизиската серија „Сулејман", велејќи дека сценариото е во конфликт со историјата и муслиманскиот морал.
Хуриет Дејли Њјуз пишува и за една иронија - додека се слави поништувањето на старите забрани на книги, веќе се подготвуваат некои нови. Така Бирото за образование на Измир се подготвува да забрани делови од класикот „Глувци и луѓе" на Штајнбек заради тоа што тие „не се соодветни за образовна употреба", а Министерството за образование потегнало дисциплинска постапка против наставничка во гимназија затоа што таа на учениците им дала задача од книгата „Моето слатко дрво портокали" на португалскиот автор Васконселос, која содржела опсцен материјал и сленг.