Единбург, првиот град на мирисната мапа на МекЛин, е одличен материјал, заради силните ароми на градот, кои вклучуваат испарувања од бројните пивари, мирисот на пржена риба и чипс, до оној на „машките ВЦ-иња во основните училишта".
Во 2011 таа изработила супер детална мапа на Lower East Side на Менхетен, дел од Њујорк кој потоа е прогласен за „најмиризливиот во Њујорк", заради евтините парфеми, застојаната вода и сувата риба, кои доминираат на мапата.
Методот преку кој таа ги изработува мапите е повеќе уметнички отоколку научен. Таа не поаѓа од некоја огромна база на податоци - на пример со тоа што би прашала 50,000 луѓе да го дефинираат „мирисот на Париз". Неа повеќе ја интересираат приказните и емоционалните врски кои луѓето ги формираат со мирисите на нивните сакани градови.
За таа цел таа интервјуира група луѓе - долгогодишни жители на одредена населба или град, новодојдени и туристи - и од нив бара да ги опишат мирисите на кои наидуваат, често пати шетајќи низ градот со „информаторите". За мирисната мапа на Амстердам таа користела „обучени носеви", вработени во една компанија за парфеми кои имаат посебно изострено сетило за мирис.
Понекогаш описите ја збунуваат, па таа има проблем да направи разлика помеѓу некаков поетски опис и реалната ситуација. Еден жител на Париз, на пример, ѝ рекол дека градот му мириса на мед. Прво мислела дека ова е повеќе метафора, дур не сфатила дека за полирање на паркетите Парижаните често користат средство кое навистина содржи мед, или барем мириса на него.
Кога ги изложува мапите во физички простори таа на нив закачува и шишенца со парфеми или други супстанци, а размислува и за додавање онакви „изгреби и помирисај" делови кои ќе ги симулираат олфалкторните дразби на шетањето низ градовите.
„Има нешто многу медитативно во врска со мирисањето. Тоa е долг, бавен процес, многу рефлексивен", изјавила авторката. „И убаво е да бидеш сведок на тоа како луѓето го искусуваат мирисот и свесно размислуваат за него".
Партизанска, липи? Чаршија, ќебапи? Има материјал и кај нас, иако сигурно нема да бидат сите мириси пријатни.