Koга сме веќе кај хигиена

Македонски прирачник од 1952 за важноста на нужниците

Речиси секојдневно добиваме сугестии, линкови и материјали за објавување, но ретко толку сочни колку овој.

Напишана од двајца доктори, извесни П. Станчев и Н. Хаџи-Здравев, а издадена во 1952 од некогашниот Институт за здравствено просветување, книгичката се занимава со „изметот и мочта“ и начинот на кои тие треба да бидат третирани за да се спречи ширење на зарази. Во случајов фокусот е ставен на цревниот тифус и начините за заштита од него, но и на дизентеријата, заразните проливи и паразитарните болести. И тогаш, како и сега, локалните санитарни услови се споредуваат со „извонредно технички развиените“ САД, Англија, довоена Германија, „Данија“, Белгија и Холандија. А како објаснување (и оправдување) за лошата положба кај нас се наведува „културната заостанатост на населението“, кое „со векови робувало под туѓински господар“.

Следат крајно практични совети за изградба на хигиенски нужник, на различни терени, на точна оддалеченост од бунари и косина на земјиштето (со шеми и цртежи). Се советува нивно често и соодветно празнење, и заради спречување на заразните болести, но и заради добивање „драгоцено и полновредно“ гноиво за стопанството.

Од јазична гледна точка интересни се термини кои денес веројатно би биле лекторирани - „глисје“ наместо глисти, „секидневно“, зидови со З, „нарочно“, „примерци“ (кои патем ги имало дури 10.000!) итн.

Еве го писмото што го добивме, сосе скенираната книгата, целата достапна на следниов линк: stancev-zdravevnuzniciteinivnatavaznosts.pdf

***

Често кога ме прашуваат за авантурите низ земјава, особено за патувачкото кино на МакеДокс, знам да повторам една фраза: тешко може да се објасни романтичарската убавина на мирис на лепешка на човек што мисли дека Македонија е Аеродром или Карпош. Колку и да се запустени и уништени нашите села, се уште на село може да се најде многу повеќе дух и душа, или да се наѕрат остатоци од луѓе кои имале некој свој автентичен живот. А веројатно и за да го согледаш тоа, треба да го бараш-па можеби и јас гледам тоа што сакам да видам, но секако љубопитноста често ме одвела до многу (за мене) интересни откритија.

Книгичкава ја дрпнав веднаш штом ја видов, без да му се думам. Не ме фаќајте за збор, ама мислам дека беше во напуштеното школо во село (пригодно) Дрслајца, струшко. Се гледа на корицата дека во некое време е уредно прокнижена во некоја архива/библиотека и дека некој ја користел, ама не баш премногу. Покрај кинкинесот на самата тема која ја покрива книгичето, (со еден пријател си праќаме вакви, како што тој љуби да рече: ќе се нај за после рато!) целата книга баш убаво нè внесува во некое време кое тешко можеме да го замислиме. Од важноста на самата тема во тоа време, до вниманието кое државата посветува на јавното здравје и образованието на населението, јазикот кој се користел во 1952, до наивните и посветени цртежи кои фино го илустрираат целиот контекст.

Скенирајќи ги книџево, забележувам со колку посветеност е создадена. Има многу помалку печатни грешки од некој денешен стандард, секој збор е на место, а понекој звучи баш слатко наивно. И некако добивам чувство дека авторите, колку и нам да ни звучи бизарна темата, како да негуваат некој посебен севдах, љубов за материјата која се обработува.

Секоја чест за докторите Станчев и Хаџи-Здравев!

Сашо Алушевски

27 април 2020 - 16:46