Секоја година, отприлика ова време, УНЕСКО заседава за да разгледа и усвои предлози за нови елементи на листата на заштитено наследство на планетата. Лани на неа се најдоа италијанското оперско пеење, бабиците од Кипар, Германија и Словенија, како и номадското сточарство на алпските фармери од Швајцарија.
Оваа година номинирани се околу 700 обичаи и практики, од кои дел се веќе разгледани и усвоени на 19-тата сесија на Меѓувладиниот комитет кој заседава во Асунксион, Парагвај, а која започна на 2-ри и ќе трае до 7-ми декември. Денес, 5.12. е изгласан заедничкиот македонско-турски предлог на листата да се најде македонската гајда односно турскиот тулум, кој бил поднесен пред две години. Заседанието и гласањето за оваа ставка можат да се видат на снимката тука (на 1 час и 50 мин).
До сега се изгласани и живописните украински велигденски јајца „писанки“, чија традиција се бележи и пред христијанството. Јајцата, украсени со детални шеми и премачкани со восочна техника, се препознатливи низ светот како дел од украинската традиција.
Како нематеријално културно наследство е признаено и јапонското саке - меко вино од ориз кое се користи не само за пиење во локалните кафеани „изакаји“, на свадби и други свечености, туку и за готвење, на пример во рецептот за јапонската супа - рамен. Основните состојки се ориз, вода, квасец и „коџи“ - оризова мувла која го разградува скробот во ферментирани шеќери. За едно саке да биде признаено како јапонско мора да биде изработено од ориз одгледан во Јапонија.
Помеѓу останатите практики, на листата се додадени и естонското традиционално јадење од компир „мулги пудер“, како и босанската севдалинка, а списокот до крајот на заседанието се очекува да биде и поголем.