Неодамна изјавивте дека ги канализирате ликовите кои ги толкувате низ косата. Што мислевте со тоа?
Одамна, по „Црниот дожд“ (1989) со Ридли Скот, каде имав некаква англо-афро трајна, мојот драг пријател Џек Николсон рече: „Што ти е со косава?“. Го погледнав и реков: „Чекај малку. Ти секогаш глумиш со својата коса“. Во „Паѓање“ (Falling Down, 1993) имав фризер кој одлучи во последната минута - ајде да ја направиме рамна одозгора. Во „Вол стрит“ (1987), Пат Рили, тренерот на Лејкерси, секогаш имаше залижана коса па мислев дека таквиот гуштерски изглед би бил соодветен. Често пати се раководам од косата.
Против какви неправди би беснеел Д-Фенс од „Фолинг даун“ во 2023?
Мислам дека тоа би било против социјалното прифаќање дека двајца луѓе кои разговараат меѓу себе можат да гледаат цело време во своите телефони. Мултитаскингот многу ме фрустрира. Неверојатно е. Инсистирам син ми да ми посвети внимание, а тој ме погледнува и вели: „Што е проблемот?“. Вели дека слуша но прави други нешта истовремено, што е навистина навредливо.
Дали би ја продале својата дигитална слика за да продолжите да играте на филм и по смртта?
Интересно е што го спомнувате ова. Човек доаѓа на возраст кога почнува да размислува за тестаменти и наследство. Сега мислам дека ќе морам да го лиценцирам своето име и лик за правата да одат кај моето семејство а не во метаверзумот. Гледам што прави вештачката интелигенција со слики и текст. Само е прашање на време кога ќе може да се рекреира која и да е почината личност на било која возраст со нејзиниот глас и манирите, па би сакал да имам некаква контрола.
Како успевате да портретирате толку несимпатични ликови на таков сочувствителен и убедлив начин?
Веројатно има нешто поврзана со мојата личност. Бев на проекција на „Фатална привлечност“ (1988) и ја раскажав оваа приказна, како откако се вратив по ноќ помината со Глен Клоуз дојдов дома утрото и морав да го растурам креветот за мојата тогашна сопруга (Дијандра Лукер) да мисли дека сум спиел дома. Публиката се смееше, а продуцентката Шери Ленсинг рече: „Не ми се верува. Тие веќе ти простија“. Можеби тоа е затоа што , во сета моја злоба, публиката се уште сфаќа дека тука постои некаква борба и амбивалентност да се направи вистинската работа, и дека не сум инхерентно само насилна, грозна личност.
Кој филм си го сметате за најдобар?
Да се послужам со еден термин од бејзбол: имам добар просек на удари со палката. Не можам да кажам дека сите се гренд-слем, но имам доста единечни, двојни, понекогаш и тројни. Си го сакам просекот во овие 50 години. Во некои филмови од огромна помош ви е одличното сценарио. Понекогаш ви е дадена одлична улога. Во други треба напорно да работите за да создадете добра околина. Тоа да се биде продуцент многу ми помогна како актер затоа што ако сте број 1 на списокот го одредувате тонот и примерот по кој ќе се раководат останатите. Понекогаш учев од Пол Њумен кој рано во својата кариера сакал да биде опкружен од подобри актери затоа што тоа ги прави сите добри.