Пред неколку дена во болница во Ница, на 92 години, почина Фернанде Грудет. На врвот на нејзината слава, таа имала разработено мрежа од повеќе од 500 девојки и неколку момчиња, и прилично долг список клиенти, кој ги вклучувал Џон Ф. Кенеди, шахот на Иран и газдата на Фијат, Џовани Ањели.
За нејзиното минато не се знае многу. Самата тврдела дека во текот на Втората светска војна била дел од францускиот отпор заради што завршила во концентрационен логор, но за ова не биле пронајдени докази. Втора варијанта е дека била дете на пропаднати аристократи кое морало да продава Библии од врата на врата за да преживее. Она што го напишала во својата автобиографија објавена во 1970 сепак дава поинаков тон:
„Има две работи за кои луѓето секогаш се спремни да платат: храна и секс. Јас не бев добра во готвење".
По доаѓањето во Париз од родниот, провинциски град Анже во западна Франција во 1950-тите, таа набргу влегла во криминалните кругови занимавајќи се со проституција. Со оглед на тоа што „не била никогаш доволно убава", одлучила да остане во професијата, но да се занимава со менаџмент. Во 1961 отворила продавница во непосредна близина на ексклузивен машки клуб, а таа била параван за регрутирање девојки, и тоа по крајно изострени критериуми.
Мадам Клод отфрлала 19 од секои 20 пријавени девојки. Ги испрашувала историја и на теми од општа култура, тие морале да се шетаат голи пред неа, и на крај - но не помалку важно - да ѝ покажат што носат во чантите. Ако го поминеле овој круг следела проба зад затворени врати со пријатели на госпоѓа Грудет. Најспособните потоа ги претворала во, како што ги нарекувала, „лебеди", плаќајќи им за стоматолог, козметички зафати и за скапа облека. Преферирала високи слаби жени кои зборувале неколку јазици и на кои не им било незгодно „да седат со крал, три принцови, четири министри и пет амбасадори на официјална вечера". Голем број од овие девојќи подоцна се омажиле во благороднички семејства.
Меѓу нив во еден момент наводно се нашле некоја контеса, ќерка на француски воен генерал, универзитетска професорка, манекенки, балерини, како и неколку сопруги на француски јавни личности. Џоан Колинс во нејзиниот мемоар „Втор чин" се сеќава како Клод ѝ понудила работа кога тие се запознале во седумдесетите во Калифорнија.
Секоја средба била закажувана телефонски, а Мадам била единствената која одговарала на повиците. Земала 30% од секоја зделка, но одбивала да ги користи термините „проститутка" и „макро" за да го опише она со што се занимава.
„Макро е некој кој ги присилува девојките да се проституираат, ги тероризира и им го зема она што тие го заработуваат", пишува во нејзината автобиографија. „Јас правам спротивно. Им ги договарам средбите и земам процент како било кој директор на агенција за модели".
Неофицијалниот список на нејзини клиенти е долг, и вклучува половина француска влада во тоа време. ЦИА наводно ги побарала нејзините услуги во текот на Париските мировни преговори во 1973, кога требало да се оконча Виетнамската војна. Џон Кенеди од неа побарал да му најде „жена која изгледа како неговата, но да биде секси". Аристотел Оназис наводно бил муштерија во друштво на неговата љубовница, Марија Калас. Шагал, освен што ги дружел, ги сликал девојките, а во нив уживале и Ален Делон и Марлон Брандо.
Но во седумдесетите, тогашниот претседател на Франција, десничарот Валери Жискар Д'Естен одлучил да стави крај на проституцијата, а како жртва на овој процес паднала и Мадам Клод. Била обвинета за затајување данок од скоро 7 милиони евра, а истовремено се случил уште еден немил настан - некоја незадоволна поранешна вработена пукала во неа со пиштол, и ја погодила во рамото. Грудет се обидела да избега во САД, се омажила заради документи за геј маж, отворила француска пекарница, но сето ова пропаднало. Кога се вратила во Франција била затворена на неколку месеци, што само покажало дека таа веќе нема сојузници во високите кругови. Последните години ги минала во сиромаштија во Ница.
Нејзиниот лик бил инспирација за неколку филмови и книги. Еден од нив под наслов „Мадам Клод" е дело на режисерот на Емануела од 1974. главната актерка која ја глумела Клод во филмот изјавила:
„Бев зачудена од нејзиниот циничен став кон сексот. За неа, мажите се само новчаници. Веројатно има некое тајно страдање во овие нејзини зборови. Се сеќавам дека на девојките им бранеше да носат црна долна облека. Сите мораа да носат бело".
Во 1992 Клод продуцирала видео под наслов „Како да заведеш" во кое советувала: „Никогаш не давај на првата средба".