Херојот на приказната во оваа книга која излезе на 24 септември е роден во јавна куќа во 1750. Неговите први сопственички го нарекле Сквит, но тој ќе остане запамтен во историјата како Џефри.
Повеќето биографи треба да истражат еден живот, но Оливер Соден тоа мора да го направи со девет. Неговиот „субјект“ му била мачешка муза на поетот од 18 век, Кристофер Смарт. Соден ѝ оддава признание на Вирџинија Вулф и нејзината биографија на кокер-шпаниелот на Елизабет Барет Браунинг, како инспирација и за неговиот пристап (за „Флаш“ претходно пишувавме тука). Слично како кај Вулф, само во мачешка варијанта, авторот ги замислува сите авантури кои можел да ги има еден мачор во и не така вообичаено домаќинство, какво што било она на Смарт.
Имено, помеѓу 1759 и 1763 Џефри не само што го делел домот на својот „господар“, туку живеел со него и во лудницата во која најверојатно го сместил неговиот таст, Џон Њубери. Формалната причина била наводната религиозна манија на Смарт, но вистинската биле натрупаните долгови и кон дедото и кон бројни други пријатели и соработници. Токму тука, напуштен од сите, тој напишал верска поема на латински Jubilate Agno или „Радувајте му се на јагнето“, која е објавена дури во 1939 откако била откриена во приватна збирка. Од сочуваните 1700 стихови 74 се посветени не на божјото јагне, туку токму на мачорот. Секвенцата почнува со „Ќе зборувам за мојот мачор Џефри, затоа што тој е Божји слуга...“ и е една од песните која најчесто се среќава во разни антологии на англиската поезија. Бенџамин Бритен има и компонирано музика инспирирана од неа. Eве ја во придружба на органа. Некој во коментарите на јутјуб напишал: моето куче ја мрази песнава.
Како што пишува Соден - „животот на Џефри е имагинарен, но тоа не е причина за мене да не е вистина.“ Книгата-фиктивна биографија на мачорот на поетот така е истовремено книжевно но и историско дело, бидејќи ја опишува атмосферата и контекстот во кој живеат тој и неговиот содружник. Опишани се и скутот на Семјџуел Џонсон и отечените нозе на Хендл кои имаат чест да влезат во светот погледнат од мачешка перспектива. Џефри дури има прилика да се сретне и со кралот - но она што го гледа е главно стомак. На моменти приказната е мачна со оглед на судбината на Смарт кој починал од пневмонија во затвор (каде завршил повторно поради долгови), кратко време откако го завршил своето дело „Химни за забава на децата“. Но таа е полна и со анегдоти и хумористични места, посветени на поетот чиј псевдоним бил „госпоѓа Мери Миднајт“ или „Госпоѓа Бабица“, а како асоцијација на неговата соработка со списанието „Мидвајф“.