![](/files/styles/780px/public/bookbox/2025/02/10/439340-lugjeto-shto-se-majstori-za-izrabotka-na-samo-edna-shahovska-figura.jpg?itok=0CT7xmmE)
На живописните улици во Амритсар, Индија, пазарите се полни со шарени таписерии и слатки кои се служат со топол чај во глинени шољи. Но вистинското богатство е зад затворени врати. Внатре неугледните згради од тули, на страна од главните улици, генерации на мајстори-занаетчии внимателно резбаат, шмирглаат и полираат деликатни шаховски фигури, одржувајќи ја долгата традиција во земјата, каде најраните верзии на шахот биле играни пред повеќе од 1500 години.
Не постојат основни сетови. Фигурите се дел од специјални професионални и колекторски комплети кои се продаваат за цена од 4000 долари на меѓународниот пазар. Оваа цена е заслужена, затоа што секој комплет е колективен потфат, при што секоја компонента е рачно изработена од човек кој специјализира само за една шаховска фигура (традиционално, жените не се занимаваат со овој занает). Ова значи дека има мајстори за пешаци, ловци, топови, но и за најсложените, а тоа се - коњите.
Чес Емпајр е најголемата и најстара компанија за рачна изработка на шаховски фигури, основана во 1962. Нејзиниот директор, Риши Шарма, вели дека ако некој е специјализиран да изработи кралица, тогаш не му се дава да работи пион, затоа што „ќе го расипе“. Притоа, еден резбач на фигури не напредува на пример од пион до ловец, туку уште од почетокот учи од сопствениот татко или од ментор за една фигура. Искусен занаетчија може да изработи 30 едноставни коњи дневно, или да мине три дена на еден, ама детално обработен, кој така претставува мини-уметничко дело.
Денес, шаховските фигури се прават од домашно или увезено дрво, но некогаш се работело со многу поспецифичен материјал - слонова коска. Од него се правеле и чешли и накит, но и мебел и скулптури. Откако меѓународната трговија со слонова коска била забранета во 1990-тите, занаетчиите се свртиле кон попристапен медиум.
Побарувачката за овие комплети варира, а подем се случил за време на Ковид пандемијата која направи многумина да се свртат кон друштвените игри. Во октомври 2020 ентузијазмот за шахот го поттикна и серијата „Дамски гамбит“.