Мината недела Универзитетот за уметности Фолкванг во Есен, Германија, ја преиспита својата одлука да ѝ додели позиција гостин-предавач на американската музичарка и режисерка Лори Андерсон. Ова се случи откако некој укажал на постоењето на нејзиното име помеѓу оние на илјадници уметници кои го поддржаа отвореното „Писмо против апартхејдот“, онлајн петиција воспоставена уште во 2021, во знак на поддршка на Палестинците. Иако не повикува директно на анти-израелски бојкот, кој во 2019 германскиот парламент го дефинираше како антисемитски, писмото сепак ги поттикнува владите да применат санкции и да ги прекинат трговските, економските и културните релации со Израел.
Одлуката Андерсон веќе да не биде предавач на овој универзитет се случува само неколку денови пред таа да добие награда за животно дело во склоп на признанијата Греми, на церемонија закажана за 3 февруари. Таа излезе со соопштение велејќи дека нејзините политички ставови не би требало воопшто да бидат предмет на испитување, и дека таа самата одлучила да се повлече од професорското место. Таа беше втора уметница со ваква позиција на спомнатиот универзитет, по завршувањето на гостувањето на Марина Абрамовиќ.
Андерсон не е единствена која е „лустрирана“ во Германија поради политичките ставови поврзани со спомнатиот конфликт. На саемот на книгата во Франкфурт во октомври, на пример, беше откажана церемонија на доделување награда за роман на палестинската авторка Аданија Шибли (за што пишувавме тука).