Во гратчето Теруел во источна Шпанија во 13 век живееле две значајни и богати семејства, Марсила и Сегура. Хуан Мартинез (познат и како Диего) бил од Марсилите, а неговата сакана, Изабел, од Сегура. Двајцата се засакале уште како деца, но кога дошло време да се земат семејството на Диего било осиромашено, па таткото на Изабела го спречил бракот. После многу молби тој оставил „грејс период“ од пет години, за зетот да замине во туѓина и да си врати дел од имотот и богатството.
Иако таткото вршел притисок во текот на тој период Изабела да го заборави Диего и да се омажи со друг, таа не попуштала. Точно на денот на истекот на петте години таа сепак морала да се омажи за извесен Дон Педро де Азагра. Веднаш по свадбата чуварите на градската порта го информирале селото дека Диего се враќа со цела свита и големо богатство. Но очигледно задоцнил - тој не го сметал денот кога ја побарал нејзината рака.
Истата вечер влегол во спалната на Изабела и од неа побарал само еден бакнеж. Откако не го добил, умрел така, простум. Кога мажот на Изабела се разбудил, таа му раскажала што се случило, па тој одлучил тајно да го закопаат телото во локалната црква затоа што се плашел дека би бил обвинет за неговата смрт. Но срцето на Изабела не издржало, па додека го закопувале паднала врз телото на човекот кого го сакала и починала.
Приказната ги инспирирала жителите на Теруел, кои барале двајцата да бидат закопани еден до друг, а црквата Сан Педро тоа го дозволила. Славата на парот наскоро се проширила низ Шпанија па во 16 век нивните остатоци биле ексхумирани и поставени во гробница во истата црква во која лежат и денес. Таа е изработена од скулпторот Хуан де Алвос, од мермер. Највоочлив е горниот дел - телата на двајцата љубовници со подадени раце еден кон друг, кои сепак не се допираат, затоа што Изабела била мажена.
Приказната за Диего и Изабела се среќава во речиси иста форма (само со повеќе еротски елементи) во приказна под наслов „Џироламо и Салвестра“ кај Бокачо, и е најверојатно напишана под влијание на народна приказна на истата тема.