Еден таков лик всушност се претставувал како куп лажни ликови - од воен херој, преку индијански поглавар до член на европскo аристократско семејство. Додека не го фатиле.
Едгар Лаплант бил ситен измамник од Роуд ајленд кој користел комбинација на среќа, шарм и талент за заведување на своите жртви, за од нив да извлече некаква корист. Но најголемиот трик во неговата кариера е тоа што се претставувал како „Поглавица бел ирвас“ од племето Чироки (некогаш и од племето Ирокези), собирајќи „хуманитарен“ прилог за северно-американските резервати и сирачињата во нив.
Јавниот интерес за домородните Американци во 1920-тите бил засилен, делумно заради подемот на туристичката индустрија - југо-западните држави спроведувале рекламни кампањи охрабрувајќи ги Американците да ги посетат резерватите, додека уметнички колонии во Санта Фе и на други места создавале дела кои ја имитирале убавината на домородните култури. Во 1924 Конгресот го усвоил Договорот за правото на Индијанците на државјанство, со што сите домородни народи родени на територијата на САД законски станале жители на оваа земја.
Далеку од тоа да бил припадник на какво и да е домородно племе, Лаплант бил син на француско-канадски емигранти, растен во Поутакет, Роуд Ајленд, пред да се пресели на Kони Ајленд, каде го научил занаетот на продавање лажни лекарства (пример - масло од змија или нешто слично). До 1917, Лаплант патувал низ западните американски држави преправајќи се во маратонски тркач и воен херој под име Том Лонгбоут, член на пелемето Онондага од Онтарио, кој добил признанија за неговото учество во Првата светска војна. Лаплант го докажувал ова со лузна на градите, а одржувал и предавања, споделувајќи ги своите фиктивни херојски потфати, за што публиката го наградувала со пристојни суми. Кога вистинскиот Лонгбоут слушнал дека некој се претставува како него, тој објавил огласи во кои ја обелоденил измамата, иако во тоа време читањето весници се уште не било карактеристика на „обичниот човек“.
Но ова не го обесхрабрило Лаплант. Тој повторно си го променил името, овој пат во поглавица Бел Ирвас. Убедил полу-домородна Американка по име Бурта да се омажи за него, за нејзиното присуство да биде потпора на неговата приказна. Секогаш склон кон алкохол, тој сега станал зависник и од наркотици, правејќи го неговото однесување уште понепредвидливо.
Тој пред неговите слушатели тврдел дека се глумел себеси во филмот „Пред да дојде белиот човек“, а во текот на нивното шоу тој и Бурта - сега „Принцеза Бел Ирвас“ - изведувале песни и воени танци. Но неговото здравје почнало да се влошува, а и неговиот табиет, па Бурта морала да даде оглас во весник во Сиетл дека не ги признава неговите долгови, и во 1921 и да го напушти.
Во меѓувреме Лаплант стигнал дури до Европа, за да го промовира немиот филм од 1923, „Покриениот вагон“. Со пердуви на главата и скутина со монистра, Лаплант им кажал на новинарите во Британија дека е поглавица на индијанските племиња на Британска Колумбија и дека глумел со Рудолф Валентино во „Шеикот“. Плус дека го шетал низ Канада принцот од Велс, кој му подарил дијамантска игла за вратоврска. Весниците известиле за сето ова со скептичност, дури и со сарказам, но тој успевал да го одржи вниманието, и да ја избегнува полицијата. Неговата позиција во однос на законот била уште посложена со оглед на тоа што бил бисексуалец - патувал низ Европа со љубовник, официјално негов секретар.
Во април 1924 пристигнал на француската ривиера, каде се сретнал со унгарската војвотка Антоанета Кевенулер - Метш и нејзината внука, Меланија. Ги убедил дека е нивен далечен роднина, и тие го внеле во високото општество како принц. Плус му позајмиле пари, секако како резултат на негови приказни зошто ги нема во моментот. И тоа многу пари - за 12 месеци им потрошил еквивалент на денешни 60 милиони долари. Дури тогаш бил уапсен, и минал некое време во италијански затвор пред да биде екстрадиран во САД. На денот кога бил осуден „војвотката Антонија полудела, и била испратена во санаториум“.
Сето ова, и многу повеќе, е опишано во нова книга „Кинг Кон: бизарните авантури на најголемиот измамник од ерата на џезот“ на Пол Вилетс. Социопат или шармер? Производ на време кое барало забава, па макар таа била и лажна? Звучи како нешто што би можело да помине и денес, додуша со малку пософистицирани техники на себепретставување на поглавица на што и да е.