Така куцаше Заратустра

„Лаптопот“ на Ниче

Вчера, 25.08, се навршија 116 години од смртта на големиот германски филозоф. Во текот на последната деценија од животот тој имал секакви здравствени проблеми, меѓу кои и со видот. Итно му била потребна машина за пишување која бара минимум напор. Решението - нешто што повеќе личи на денешен лаптоп, отколку на стандардна машина за куцање од тоа време.

Во 1881, еден од творечки најплодните периоди на Ниче, трагајќи по машина за пишување која ќе биде истовремено лесна за пренесување и за користење, тој наидува на нешто што се вика Малинг-Хансен топка за пишување, именувана според нејзиниот дански изумител десет години претходно. Како што се гледа на ова видео, под куглата се наоѓа цилиндар со хартија, на кој буквите се нанесуваат не хоризонтално, како на другите машини, туку вертикално.

Според потпретседателот на Зружението Малинг-Хансен, Дитер Ебервин, оваа пишувачка кугла била најблиското нешто до 19-вековен лаптоп. Таа била претставена на универзалната изложба во Париз во 1878, и тогаш медиумите многу пофално се изразиле за неа:

„Оваа машина во многу нешта е супериорна во однос на Ремингтон, дизајнирана во САД. Побрза е, а пишувањето е почисто и попрецизно. Данската машина е поедноставна, поцврста и полесна, а освен тоа е и поевтина“

За жал онаа на Ниче се оштетила при едно негово патување во Џенова, а некој невешт механичар дополнително ја уништил обидувајќи се да го поправи дефектот. Сепак, Ниче на оваа машина искуцал дури 60 ракописи, како и оваа песна, посветена токму на машината:

„Пишувачката кугла е слична на мене: направена од железо
но сепак лесно кршлива на патувања
потребни се многу трпение и такт
како и нежни прсти за нејзино користење“

16 февруари 1882

Симулатор на пишување со куглата тукa

Поврзано:

Така твиташе Ниче

Ниче како композитор

26 август 2016 - 11:38