Ако го гуглате Фридрих Ниче ништо чудно да ви се појават околу сто „негови" твитер профили, што е импресивно за човек кој е мртов веќе 130 години. Уште поинтересно е друштвото во кое се наоѓа: слично присуство на Твитер има и Шекспир, а само Исус има колку Ниче и бардот заедно. За споредба, Кант и неговиот „категорички императив" има 15 фантомски профили, а Хегел со феноменологијата на духот само - еден.
Зошто идеите на Ниче се толку податливи за да се споделуваат преку оваа социјална мрежа? Веројатно затоа што тој често се изразува во форма на афоризми, жанр кој Твитер, заради ограничувањето на бројот на карактери на пораките, сакал-нејќел го промовира.
„Без музика, животот би бил грешка", или „Нема морални феномени, туку само морални интерпретации на феномени" се само две од илјадниците негови „мудри мисли" кои се како скроени за на Твитер. И покрај тоа што припаѓа на германската филозофија, тој не го следи примерот на неговите колеги-муабетџии, на кои не им достасува ни Twitlonger (oпција на Твитер за подолги пораки) за да се искажат. „Мојата амбиција е да го кажам во десет реченици она што другите го кажуваат во цели книги - она што другите не го кажуваат во цели книги" - е уште еден негов „твит".
Сложените вербални конструкции не се ништо друго туку пречка на патот до знаењето - изјавил тој на времето, предвидувајќи дека коментарот "tl;dr" (too long; didn't read - предолго не го прочитав) ќе стане доста чест под текстови кои се објавуваат на интернет. Самиот сметал дека неговите ставови ќе станат разбирливи дури 200 години по неговата смрт. Кај и да е, имаме уште седумдесет полека да се подготвуваме.