Карантинските снимки од Италија често прикажуваа луѓе кои од балконите се обидуваат да ги расположат своите соседи со пеење или свирење. Истата практика се прошири низ светот, па денес се среќава од Мадрид до Мумбаи, од Хамбург до Александрија. Луѓето имаат потреба не само да излезат на воздух, туку и да се поврзат со нешто поголемо од нив самите.
Во нормални времиња некои од овие балкони можеби биле користени само за тресење на асталскиот чаршаф или за довикување. Но сега тие го обновија интересот на историчарите на уметноста и на урбаните археолози.
Една од нив, Мари Шеперсон, во својата книга „Сонце и сенка во првите градови“, вели дека балконите можеби датираат од 3000 п.н.е., кога во Месопотамија биле градени висечки парапети кои ја штителе улицата од блескавото сонце. Но до 1400-тата година п.н.е. Микенците почнале да градат балкони за обратната цел: зголемување на количеството природна светлина и на вентилација.
Во древен Египет палатите со балкони биле дизајнирани како театарски сет за водачите да се појавуваат пред своите потчинети. Истата практика може да се следи низ историјата. Во Рим, еден од најраните балкони, maenianum-от, била платформа на отворено од која владетелите можеле да ги гледаат гладијаторите како се натпреваруваат во Колосеумот, но и самите да бидат видени. На почетокот на Втората светска војна, Хитлер ја соопштил веста за анексијата на Австрија од балконот на царската палата во Виена. Седум години подоцна, Винстон Черчил му се придружил на британското кралско семејство на балконот на Бакингемската палата за прослава на крајот на војната.
Како што еволуирале балконите, така нивниот дизајн станувал поразвиен. Во арапскиот свет балконите „машрабија“ биле орнаментирани со детални украси, како тантела, кои овозможувале и проток на воздух, но и приватност согласно религиските норми. Во ренесансата балконот станал стандард на голем број италијански згради откако архитектот Донато Браманте го направил дизајнот на Палацо Каприни во Рим.
Во 19 век Европа минала низ период на интензивна урбанизација, а балконите станале симболи на модерниот метрополитски начин на живот. Францускиот слика Едуар Мане ја скандализирал ликовната критика кога во 1869 го прикажал делото „Балкон“ (слика горе). Еден од критичарите извикал - „Затвори ги ролетните!“. Италијанецот Умберто Бочиони пак го прикажал интензитетот на урбаниот живот во своето дело од 1911, „Улицата влегува во домот“ (долу), каде уличните звуци и хаосот изгледа како да влегуваат во приватниот простор токму преку балконот.
Балконите се и топоси во литературата - „Ромео и Јулија“, „Сирано де Бержерак“, или драмата „Балконот“ на Жан Жене од 1956. Тивко сокаче во кое од балконите се лелеат тазе испрани чаршафи чиј мирис го носи ветерот е типична медитеранска слика, присутна во грчките или италијанските филмови, или во туристичките флаери. Денес истите тие балкони ги ре-откриваме како социјални простори. Сликата каде соседи, едните со опасно навалување напред, другите со мака поддавајќи ја главата од балконот, наздравуваат на зајдисонце, почна да се гледа и по нашите улици. Уште не сме почнале да пееме, ама каде и да е...