За слушање и за гледање

Ксенија Сидорова или „принцезата на хармониката"

„Џентлмен е оној што знае да свири хармоника, ама не свири". Вака гласеше антологиската дефиниција на Том Вејтс. Но тој заборавил една работа, дека хармоникашот може да биде и - жена.

Една нова ѕвезда од Рига, Латвија, била инспирирана да почне да свири на овој инструмент од баба ѝ, а продолжила со своето музичко образование во Британија, каде како студентка добила престижна награда на Кралската музичка академија. По нејзиниот настап на 50-тиот роденден на познатиот велшки баритон Брајан Терфел во Ројал Алберт Хол со изведба на верзија на „Роксен" и со Стинг на истата сцена, таа почнува да привлекува внимание и вон круговите на класичната музика.

„Принцезата на хармониката" наскоро ќе сними албум за Дојче Грамофон, верзија на операта Кармен, која ќе вклучува латиноамерикански, европски и други стилови на изведба на музиката на Бизе, со чиј лик на фаталната Кармен Сидорова вели дека се идентификува.

Текст посветен на Ксенија во Индепендент вели дека нејзиниот подем „коинцидира со хипстерското реоткривање на инструментот традиционално врзан со долните слоеви, кој ја има добиено неговата модерна форма во 19-вековна Европа", наведувајќи музичари и бендови кои го имаат вклучено овој инструмент во нивните еклектични стилови, како Брус Спрингстин, Еди Ведер од Прл Џем и РЕМ и, да, Вејтс.

Досегашниот репертоар на Сидорова вклучува дела од Бах, Моцарт и Скарлати. Слушнете ја (и видете ја..) во овие три видеа.

Кармен

Пијацола, Либертанго

Роксен (неквалитетно видео, ама армониката се слуша)

6 април 2016 - 09:46