„Во Омилената игра, првиот роман на Леонард Кoен, има неколку сцени во кои луѓето го молат јунакот (веројатно Коен, затоа што сето останато се совпаѓа) да пее. Еден мој пријател ја прочита книгата, и ја заврши со едно прашање: ако човекот е Леонард Коен, зошто тие цело време го молат да пее? Ама откако го преслушав албумов не ми е толку чудно: колку што повеќе го слушам, толку повеќе му го сакам гласот. Иако тоа е чуден глас - ја погодува секоја нота, но помеѓу нив забегува на атонални места - па така неговите песни го добиваат сериозно потребниот дополнителен ритам.
Но целиот албум е сосема друга работа - не мислам дека би можел да го толерирам така, на куп. Има три брилијантни песни, една добра, три што се квалификуваат како утки и уште три кои се eптен срање.
Пролемот е што без оглед дали човек е поет или не (а овој е брилијантен поет), тој не нужно е и добар пишувач на песни; неговите три успешни обиди (Suzanne, The Master Song и Тhe Stranger Song) се приказни, балади чија прогресија на значења понекогаш е поважна за Коен отколку неговите поетски трикови. На друго место, овој вид деликатност ставена во служба на ригидните барања на музиката, тоне во комични стихчиња („Палам тенка зелена свеќа/ За да те направам љубоморна на мене/Но собата е полна комарци/Слушнале дека телото ми е на располагање").
Уште полошо, во истата песна, „Еден од нас мора да греши" (која може да се прости само ако е пародија на Дилан, па ни тогаш), Коен го прави она што стана вообичаено за музичар кој има амбиции на поет; ја има помешано марихуаната или блесавиот „хај" со поетска интроспекција...Поетот-кој-сака-да-стане-музичар е уништен од ризикот неговата нова дисциплина да го ограничи, затоа што не му лежи природно.
Аранжманите не заслужуваат дури ни сочувство; факт кој Коен го признава во белешките кон албумот: „..ним им беше забрането да се венчаат. Сепак, аранжманите сакаа да направат журка. Песните пак повеќе сакаа да се затскријат зад вел од сатира". Кога тоа би било толку лесно. Во „Маријана" чии стихови се разумно непретенциозни, има рефрен, чии музички претци се Тhe H-Lo's. Во „Учители" има тежок гитарски звук, смешно несоодветен, и копиран ако добро се сеќавам од „Ел Пасо", подобра песна на Марти Робинс. Аранжманите на последната песна запаѓаат во пресмешна какофонија - но Бич Бојс го направија ова многу подобро во „Смајли смајл" (а не бе дури ни поети). Ако ова е сатира, тоа е ретроактивна сатира. Во позадината на повеќето песни го слушаме препознатливото Музаково „ммм“ (компанија која прави музика за лифтови, супермаркети и сл. - заб.прев.)
Но заради трите споменати песни албумот вреди да се купи. „Сузан" е песна на дистанцата - таа стигнува до центарот и повторно води вон него, одмарајќи се, конечно, поблиску до центарот отколку на почетокот. Коен, зборувајќи во второ лице, кажува како се чувствувате вие (тој). Дистанцата така се зголемува.
„Мастер сонг" е двосмислена - но уметноста на нејзината двосмисленост не се замешува во нејзината способност да се движи. Има, во романот на Коен, и на места на овој албум, вид вера во регенеративната моќ на дегенерацијата, на тагата, дури и на злото. Песната функционира - иако не знам дали тоа е намерно - и како песна на два од ликовите од „Убави губитници", вториот роман на Коен.
„Песната на туѓинецот" (The Stranger Song) е веројатно најдобрата. Афористичарот Коен тука сфаќа дека афоризмот е повеќе интроспекција отколку изненадување. Едноставноста на сликите не се спротивни на чувствата на ликовите и на ситуацијата, ниту пак сликите доминираат над осаменоста. И тука е веројатно најтрогателната изјава која може да ја направи Коен: „И тој сака да ја трампа играта која ја игра за засолниште/И тој сака да ја трампа играта која ја знае за засолниште".
Артур Шмит, Ролинг Стоун, март 1968
Тука целиот албум, кој подоцна стана антологиски (сосе крцкањето на плочата)