Симфониска изведба на музика од видео игри

Концерт за џојстик и монитор

Секој страстен играч на видео игрици ќе ви каже дека голем дел од она што ги прави толку интересни е нивната музика. Токму неа од неодамна ја изведуваат симфониски оркестри во живо. И заработуваат повеќе отколку од настапи со познати оперски ѕвезди.

Продуцентот Џејсон Мајкл Паус е еден од мозоците зад ова движење, кое на прв поглед делува ограничено на мал број луѓе, но всушност постигнува огромен успех. Има милиони фанови на видео игри и музиката во нив им претставува голем дел од нивното играчко искуство.

Зарем има подобар начин да се престави музиката од игрите од тоа таа да биде изведена во живо, на концерти, со оригиналните препознатливи аранжмани од видео игриците? Во моментов на турнеја е шоуто „Лeгендата на Зелда: симфонија на божицата", дело во четири става кое вклучува елементи од најмалку шест игри од франшизата Зелда на Нинтендо. На други концерти е изведувана музика од
Final Fantasy, Castlevania, Battlefield, Silent Hill, Super Mario World, Metal Gear Solid и други.

Пол ризикувал кога во 2004 го поставил првото шоу „Плеј! Симфонија од видео игри" бидејќи, како што вели самиот, никој и никогаш не се обидел воопшто да помисли како би изгледала музиката од видео игри во оркестарска изведба. Но картите му се продавале, и се уште се продаваат - неодамна тој продал 10,000 билети за шоу во Мексико, и тоа за само три дена. Стравувањата на некои луѓе дека денешните деца не ја сакаат оркестарската музика се очигледно неосновани.

Самиот Пол има 36 години и вели дека може многу повеќе да се идентификува со оваа музика, отколку со оперите на кои исто така работел. Дополнително доживување е што за време на музичката изведба на голем монитор над оркестарот одат сцени од игрите. Целната публика е меѓу 17 и 35 години, иако во салата често има и многу постари луѓе. Голем број композитори и продуценти почнуваат полека да се селат од полето на класичната музика на полето на онаа која се употребува во видео игрите, затоа што тука се парите. Ако некогаш било тешко да се влезе како композитор на филм или на телевизија, тоа е сега така за видео игрите.

Цел албум со музика од видео игри во изведба на Лондонската филхармонија. Баш добро звучи.

 

1 ноември 2013 - 17:47