Се работи за 35-минутен концерт за бенџо во три става, во соработка со Нешвилскиот симфониски оркестар. Флек и претходно го има користено инструментот eкспериментирајќи во различни музички жанрови, од џез до западно-африканска музика, но прв пат се обидува, и тоа успешно, да го примени во нешто што сме навикнале да го викаме и да го слушаме како „класична" музика.
Кога на него не се свири нешто од типот Oh my darling Clementine, бенџото добива друга душа. Музиката личи на филмска, виолончелото и кларинетот фино се лепат на бенџото, а тоа почнува да звучи онака вистински blue grass дури при крајот на концертот - во меѓувреме де личи на мандолинче, де на виолина, а на моменти дури и на харфа.
До албумот на Флек стигнавме преку Deceptive Cadence, одличен блог на NPR кој промовира нови изданија на класична музика. А сега, малку бенџо.