На убавиот бел рум

Композиторите кои биле „по чашката“

До сега на повеќе пати сме пишувале за (не)среќната врска помеѓу книжевноста и алкохолот. Но изгледа дека и композиторите не биле по млекото. 

Една од биографиите кои оваа година предизвикаа интерес е онаа под наслов „Франц Лист: музичар, славна личност, суперстар“ на Оливер Хајлмс, во која тој врз основа на досега необјавувани документи тврди дека, особено во последните години од неговиот живот, славниот композитор страдал од „наежувачки епизоди на пијанство“. Човекот пиел најмалку по шише коњак на ден и две шишиња вино, но не мислел дека е зависник од алкохол, за разлика од неговите ученици кои биле убедени во ваквата дијагноза.

Но Лист не бил осамен во ваквата нездрава навика. Брамс, на пример, како млад свирел пијано во бордели и по пабови, според негови бројни биографии само заради парите, но всушност и како муштерија на обете „институции“. Проститутките сметале дека е шармантен, за разлика од кафанџиите, кои не можеле да излезат на крај со неговото непристојно однесување кога ќе се напиел.

Сепак зборот „алкохоличар“ не може да се примени на овие примери, заради едноставната причина што терминот не бил измислен до 1894. Она што со сигурност го знаеме е дека изненадувачки голем број композитори, од оние големите, биле по чашката. Освен Лист и Брамс, и за Шуберт има приказни за неговото „дрско и засрамувачко однесување кога бил во посета на почитувани домаќинства“. Навиката за пиење ја стекнал како тинејџер, а во повозрасни години знаел да талка по предградијата на Виена и по тамошните таверни.

Сосема истото го правел и Бетовен - тие можеби и се разминувале по уличките без да знаат еден за друг, со оглед на тоа што и двајцата биле кратковиди. Освен тоа постариот (Бетовен) бил и глув, а помладиот имал сифилис.

Од сифилис страдал уште еден голем композитор - Шуман - кој исто како и Шуберт имал лошо пијанство уште пред да се разболе. На карневалот во Хајделберг во 1830 тогаш младиот композитор „паднал на улица, се влечел по срчите од скршени шишиња рум и и ѕиркал под здолништата на минувачките“. Потоа отишол дома и го испокршил пијаното.

Списокот на тешки алкохоличари меѓу композиторите може да продолжи - Хендл, Моцарт, Чајковски, Мусоргски, Сибелиус. Само за Бах нема податоци дека пиел, но во тек на негово патување во Хале во 1713 неговата кафанска сметка изнесувала 30 литра пиво (плус нешто коњак). Дали некого частел, а самиот пиел чај, не е познато.

Тоа што во делата на овие славни луѓе не се слуша „пијаното“ е фактот што кога си пијан може да зборуваш, пишуваш па дури и да свириш (колку и тоа да го правиш лошо) но не можеш да се занимаваш со речиси математичката активност на компонирање. Затоа некои од нив едноставно се откажувале. Но оние кои успевале да излезат на крај со чудовишните мамурлаци знаеле да напишат прекрасни дела дури и во такви околности. Бетовен, дури и на смртната постела, едвај чекал да му се донесе пакет вино од рајнскиот регион. Кога виното пристигнало, тој веќе бил во полукома. „Штета, предоцна“, смогнал сили да каже.

За разлика од него, Брамс имал повеќе среќа. Пред да умре успеал да крене чаша вино до устата. Неговите последни зборови? „Ова е добро“.

Поврзано: 

Само битангите пијат млеко

Како да (не) пиеш

30 декември 2016 - 11:37