Експериментот „21 грам“ се однесува на научна студија објавена во 1907 од Данкан МекДугал, доктор од Масачусетс. Неговата теорија била дека душите имаат физичка тежина, а нејзината маса се обидел да ја одреди со тоа што мерел човечки тела непосредно пред и по нивната смрт. Така дошол до сознание дека таа тежи точно 21,3 грама.
Станувало збор за шест пациенти од старечки домови чија смрт била неизбежна. Четворица боледувале од туберклоза, еден од дијабет и еден од неодредена болест. Намерно избрал луѓе кои биле физички слаби, бидејќи му било потребно тие да седат мирни додека се обидувал точно да ја измери нивната тежина. Кога изгледало дека се блиску до смртта, целиот кревет бил ставан на голема, индустриска вага.
Иако резултатите од мерењата на пациентите пред и по смртта се разликувале, а кај еден од нив се јавило дури и зголемување на тежината, МекДугал едноставно решил дека „три четвртини од унца“ (21.3 грама) е вистинската бројка. Таа се појавила само кај еден пациент, коинцидирајќи со времето на неговата смрт. За останатите мерки тврдел дека се погрешни и резултат на недоволно калибрирана вага.
Бидејќи сметал дека животните, за разлика од луѓето, немаат душа, се обидел да ги измери и телата на 15 кучиња по нивната смрт. Самиот изјавил дека иако барал болни кучиња или такви кои се пред смрт не успеал да најде такви, па оттаму се претпоставува дека труел здрави животни. Не е необично што со оглед на своето претходно убедување, тој пријавил дека кучињата не губат каква и да е тежина по смртта.
Откако резултатите биле објавени во Списанието на американското здружение за физички истражувања и медицинското списание Американска медицина (и било промовирано и во Њујорк Тајмс), МекДугал се соочил со остри критики. Први на удар биле ненаучните методи, малиот број пациенти и „селективното известување“, односно лажирање на резултатите. Негов колега тврдел дека во моментот на смрт има ненадеен пораст на телесната температура, бидејќи белите дробови веќе не ја ладат крвта, што предизвикува и зголемување на потењето, па ова веројатно биле тие фамозни 21 грам. Кај кучињата ова не се појавувало бидејќи тие немаат потни жлезди.
После сите реакции од неговата фела, МекДугал изгледа кренал раце од експериментот. А штета, затоа што негов следен чекор требало да бидат фотографии од таа иста душа.