Лутината е збир од искуства и однесувања - од неа се плаче, се вика, па дури и се смее. Лутите луѓе некогаш моментално експлодираат, но има и такви кои мирно планираат одмазда. Kaко што објаснува психологот Лиза Фелдман Барет во книгата „Како се создаваат чувствата“, која излезе во март оваа година, нема само една состојба на лицето, телото или мозокот кој ја дефинира лутината, туку кога е во прашање таа варијациите се норма.
Ова е соодветно пресликано и во јазикот. Древните Грци правеле разлика помеѓу наглите изливи и долгорочното држење лутина. Германците имаат неколку различни лутини (Zorn, Wut, Bösartigkeit), во мандаринскиот постојат пет, а во библискиот хебрејски седум. Срџба, гнев, бес, јарост, осорност, огорченост...Во македонскиот има толку блиски изрази за едно исто чувство што очигледно тоа, и неговите сложени извори и последици, ни се историски добро познати. Сме имале и кому и зошто да бидеме лути, иако можеби не секогаш сме биле доволно храбри да му се спротивставиме.
На глобално, а богами и на локално ниво денес има многу причини да се биде и огорчен, и „накурчен“, и гневен. Некој активно ја манифестира својата јарост, протестирајќи, кршејќи и тепајќи. Други тивко се гневат, тонејќи во фрустрација и беспомошност. Лутината ги раздвојува луѓето, прави едни да го киднапираат јавниот дискурс, а други да го исклучат телевизорот, да престанат да користат Фејсбук и Твитер и луто да се обидуваат да си го зачуваат здравиот разум.
Секако, лутината може да биде и конструктивна, да сплоти и да води кон позитивна промена. Будизмот учи дека таа е облик на незнаење, или слепило за гледишата на другиот. Доколку среде бесот можете да го перцепирате опонентот не како злобен, туку како фрустриран човек, тогаш можете соодветно да му пристапите и евентуално да се најдете на пола пат. Во оваа смисла, некои лутини се облик на мудрост. Тие се и извор на енергија и ентузијазам, како кога пред натпревар играчите се „јачаат“ за да го скршат противникот. Бесот го крева адреналинот и помага да се биде фокусиран и упорен. Но дали ова на колективно ниво може да премине во хаос и истребувачка војна, тоа ретко кој може да го предвиди.