Колку навистина ги гледаме луѓето?

Девојка што слика по свадби (не фотографира, туку црта) поминува доста време набљудувајќи ги гостите, за да може да ги долови нивните ликови но и нивните карактери. Начинот на кои ги доживува е навистина интересен. 

Од блогот Скин контакт:

- Кога некој ми се обраќа, она што најпрвин го забележувам се потпорните столбови на нивните зборови: „мелодијата“ и тонот и желбата позади нив. Слушам дека се досадуваат, дека се фасцинирани, посакуваат признание или поврзаност. Често можам да слушнам колку многу си се допаѓаат на самите себеси.

- Ја слушам брзината со која ја преработуваат информацијата и природата на нивното внимание. Вниманието е на спектар од „скокни ваму-скокни таму“ до „непрекинат тек“. Каде е човекот на овој спектар зависи од неговата природа, но исто така и од тоа колку се посветува на разговорот. Квалитетот на внимание е очигледен согласно прашањата кои се поставуваат (колку тие се одделуваат од она што го кажува самиот говорник), дали погледот им талка наоколу и дали се мрдаат, нервозни. На другиот крај е комплетната отсутност. 

- Кога некој флертува - флертувањето е маркетинг, откривање на себеси од специфичен агол за да се поттикне одредена реакција. Луѓето имаат различни маркетинг стратегии, но ова е секогаш вистина: постои енергија која посегнува нанадвор, обидувајќи се да се фати за некаква површина. Некои луѓе флертуваат со секого. Некои само со такви кои им се привлечни. Некои никогаш не флертуваат. 

- Има разлика помеѓу тоа некој да е љубезен и да е среќен што разговара со тебе. Љубезноста е механички квалитет, како да ги правиш вистинските движења за да смениш батерија во далечинско. Да си среќен, тоа е неограничен квалитет: непредвидлив дури и на пониско ниво. Постои една отвореност која дава шанса другиот човек да изненади и да воодушеви. Наједноставно кажано - нема сценарио за тоа да си среќен. Тоа извира од телото. Љубезноста произлегува од умот, ограничена е и калкулирана, со одмерени реченици и паузи. 

- Лесно е да се забележи човекот во просторијата кој мисли дека е подобар од сите. Тоа е оној кој не е заинтересиран да даде ни грам од своето внимание, она вистинското и отвореното. Ова е болна глетка, затоа што тие често не можат ни да ја согледаат својата мизерија, колку е непријатен светот ако никој не е доволно добар за да биде сакан. 

- Има и луѓе кои не се сакаат себеси. Тоа го кријат со мислење дека не ги сакаат другите луѓе. Често пуштаат боцки како боцкаво прасе кога некој ќе им се приближи. Или тоа, или спротивното: тие мораат да бидат осветлени од туѓата кожа. Овие контрадикторности се изрази на истото фундаментално прекршување. Човек не може да се поднесе себеси и како резултат на тоа или не сака воопшто да биде забележан или постојано да биде опкружен со внимание. 

- Забележете непотребни извинувања за да сфатите колку некој верува во своето право да постои. Следете како чекорат низ просторијата, начинот на кој им се подвиткани рамениците или пак им се испакнати нанадвор во однос на нивните ребра. Како им се движат очите за да ја впијат околината, за да видат колку веруваат во својата припадност на истата. 

- Кога ќе сретнам некого, најчесто добивам некое чувство за тоа дали се генерално среќни ама имаат лош ден или се генерално тажни но имаат добар ден. Емоционалната историја на нивниот живот е вградена во мускулната тензија на нивното лице и во држењето. 

- Мојот омилен вид личност е еластичен во движењата. Постои отвореност која не мора да биде соопштена, љубопитност која изгледа како да е свртена кон сето искуство. Тие не се најгласните, но бидејќи зрачат со безусловно прифаќање на секого, најчесто се сакани. Ова има смисла, нели?

15 мај 2025 - 18:35