„Периперсонален“ е оној простор кој е во непосредна близина на нашите тела, во радиус доволен за дофат и манипулација на одреден објект. Екстраперсоналниот простор, пак, е оној вон нашиот физички дофат, кој можеме да го набљудуваме само користејќи го сетилото за вид. Ова е најбазичната поделба која може да се допрецизира, врз основа на она што е до сега познато за животните.
Заслужен за ваквите податоци кога станува збор за зебри или лавови е Хеини Хедигер, швајцарски биолог и директор на неколку зоолошки градини, на пример оние во Базел и Цирих. Негово поле на истражување била токму „проксемиката“ на животинското однесување, односно начинот на кој животните реагираат кога некој ќе влезе во нивниот простор. Според него тој може да биде поделен на зони во форма на концентрични кругови, кои се мерливи до сантим. Најширокиот круг е тн. „дистанца која овозможува бегство“. Ако некој лав е доволно далеку, зебрата ќе продолжи да пасе, но ако лавот се помести поблиску таа ќе се обиде да избега. Следниот, потесен круг е „дистанцата доволна за одбрана“ - ако се помине оваа линија зебрата напаѓа за да се спаси, а не бега, бидејќи за тоа нема големи шанси. На крај, има „критична дистанца“ - ако предаторот е преблизу, жртвата не може да стори ништо друго освен да се замрзне, да глуми мртва и да се надева на најдобро.
Иако различни видови диви животни имаат различни граници, Хедигер открил дека границите се неверојатно конзистентни во рамки на самите видови. Тој исто така понудил нова дефиниција на припитомено животно, такво кое веќе не ги третира луѓето како значајна закана и ја намалува дистанцата на бегство во однос на нив на нула.
Но исто како и животните, и луѓето се заштитуваат од потенцијални закани со оддржување дистанца. Ова индиректно би значело дека колку што таа дистанца е поголема и подолготрајна, толку стануваме „подиви“. Ова е проблем особено кога дистанцата е и законски пропишана (како сега, за време на пандемија), односно постојат дополнителни санкции за нејзино непочитување, покрај постоечките ризици по безбедноста и здравјето.
Овој „бафер“ е нуспојава на нашата еволутивна историја, која ни ги има опремено мозоците со начин да ја проценуваме важноста на она што се случува во непосредната околина. Овој механизам е токму оној периперсонален простор (пери - старогрчки за „околу“ или „блиску“), а го имаат сите животни, од риби и овошни мушички, до диви коњи и шимпанзи. Невронауката позади ова фрла фасцинантна светлина врз тоа како луѓето и другите животни ги поставуваат границите помеѓу себеси и светот. Притоа, одговорот не е секогаш во физичките елементи (на пример кожата). Периперсоналната зона е место каде се преклопуваат просторот, времето и можноста за опстанок. Одржувањето на дистанца оттаму е важно затоа што на животното му дава време да реагира на закана пред да е предоцна. Предаторот не е едноставно присутен на толку и толку метри дистанца, туку создава чувство на „преблизу“ или „доволно далеку“. Овој простор има значење, и ова значење зависи од она што е важно за нас, за состојбата на нашиот ум и на нашите тела. Притоа функционира како метафора - потребата од „простор“ во стресни времиња, но и на сосема физичко ниво, како потреба за осама, мир и тишина.
Така, периперсоналниот простор не претставува објективен регион на простор со стабилна граница, туку е субјективен регион кој е директно релевантен за секој од нас. Тој содржи траги на она со што, или со кого човек имал работа претходно. Близината подразбира доверба - оттаму невидливата граница на периперсоналниот простор ја означува деликатната рамнотежа помеѓу довербата и предострожноста. Ситуации во кои непосредната близина на други (непознати) луѓе е неизбежна, како во транспорт, чекални, тимски активности и сл., подразбираат постојано мониторирање на однесувањето на оние наоколу, и брза реакција во случај на загрозеност.
Овој простор визуелно често се прикажува како меур или балон, но посоодветно е да биде нешто како платно или шал, кој се одмотува или замотува во зависност од студот и ветерот, адаптирајќи се на заканите и на можностите.