Колеги и пријатели - праќање мемиња и „риплај ол“ мејлови се лоши за климата

Не сме сигурни дека сме толку загрижени за климата, колку што си бараме уште една причина како да укажеме на оние што нè ставаат во ЦЦ на мејлови кои не се за нас да престанат да го прават тоа, или кои место одговор на човечко прашање праќаат двосмислени сличиња. Можеби нив ќе ги убедиме со овој аргумент. 

Oбидот да се открие кое било прво-прво меме е како да се трага по првиот испишан збор - залудна потрага, но таква која сепак открива многу за историјата на онлајн комуникацијата. Дали тоа беше „Бебето што игра“ или ЛОЛ мачки во сериозни и откачени пози кои поставуваат човечки прашања? 

Како и да е, на времето прашањето за складирањето на овие податоци и оптеретувањето кое тоа го предизвикува на глобален план кога е во прашање енергијата, делуваше ирелевантно. Сега истражувањата откриваат дека огромни количества податоци се складирани на облак создавајќи тн. „мрачни податоци“, такви кои се користат само еднаш и потоа никогаш повеќе (а сепак стојат „таму некаде“ и трошат енергија за воопшто да постојат). Ова значи дека било каква смешка во форма на слика или видео што еднаш ќе го споделиме со пријателите и семејството, останува во некој податочен центар, на некој сервер. Британците пресметале дека до 2030 ваквите сервери ќе трошат нешто под 6% од целосната електрична енергија на оваа земја. 

Проблемот е што поединците и општеството генерално се уште смета дека преносот на податоци не предизвикува јаглероден отпечаток. И именувањето на нештата игра голема улога во ваквото размислување. Кога ќе се каже „облак“ за складирање се помислува на нешто вонземско, кое постои некаде „горе“, кадешто е постудено и езотерично. Всушност, центрите за податоци се неверојатно жешки, бучни и трошат огромно количество енергија. 

Едно смешно меме секако нема да ја уништи земјата, но милиони кои се складирани, неупотребени, па дури и ако стојат само на нечиј телефон подразбираат голем зафатен простор - замислете ги сите тие ваши слики кога би биле испечатени и ставени во албуми. Соучесници во ваквото погрешно претставување на складирањето податоци се и самите технолошки компании, кои ги поттикнуваат луѓето да купуваат повеќе „гигажа“ наместо да бришат податоци - колку повеќе магацински простор, толку повеќе профит за нив. 

Еден од начините ова да се намали, освен несликањето милион слики на зајдисонца и сите можни оброци, е да се испраќаат помалку бесмислени мејлови. Секој стандарден мејл е рамен на околу 4 грама јаглерод. Само треба да се помисли на кумулативниот ефект на сите оние што ни стојат во сандаче, или на кои сме ставени во ЦЦ и покрај тоа што нивната содржина не е релевантна за нас, што особено се случува со опцијата „риплај ол“ или „одговори на сите“. 

12 август 2024 - 08:35