Наводниот мотив на човекот кој е обвинет за атенат на Шинзо Абе фрли светлина на тн. Црква на обединувањето и нејзината врска со политичари од целиот свет.
Тецуа Јамагами признал дека го убил поранешниот јапонски премиер, а за тоа го обвинил глобалното верско движење чии членови се нарекуваат „Мунис“ или „Муниевци“. Неговата мајка пред повеќе од 20 години донирала голема сума пари на оваа секта, која наводно тајно ја поддржувал и Абе. Бидејќи по донацијата семејството на Јамагами банкротирало, тој во себе со години таложел гнев кон сите кои според него биле виновни за ситуацијата.
Јапонскиот огранок на црквата потврдил дека мајката на Јамагами е негов член, но одбил да коментира за донацијата. Освен тоа, парите биле дадени на крајот на 1990-тите а семејството финансиски пропаднало во 2002, што е преголем временски период за да се тврди дека ова се случило како последица на донацијата.
Официјалното име на организацијата е Семејна федерација за светски мир и обединување, но скратено е позната како Црква на обединувањето. Основана е во Јужна Кореја во 1954 од Сун Мунг Мун, кој тврдел дека на возраст од 15 години добил порака од Исус да ја заврши неговата недовршена мисија, да го врати човештвото во состојба на „безгрешна“ чистота. Првите поддржувачи на црквата биле ефикасни во регрутирање нови членови, па почетната група од 100 мисионери набргу се зголемила на 10.000.
Групата често е опишувана како култ кој е мотивиран само од финансиска добивка. Во пошироката јавност стана позната по масовните свадби на огромни стадиони, кои вклучуваат илјадници парови кои се среќаваат за прв пат. Самото движење тврди дека има 3 милиони следбеници низ цел свет, иако бројката е најверојатно многу помала.
Анти-комунизмот на Мун го довел во врска со конзервативни политичари од целиот свет кои ја имале истата цел - да ги спречат своите земји од тоа да станат комунистички. Тие го вклучувале дедото на Абе, Нобусуке Киши, исто така поранешен премиер, кој наводно восопоставил организација поврзана со црквата. Токму оваа поддршка е мотивот зошто Јамагами одлучил Абе да биде неговата цел. За врската да биде појасна, тој ден пред атентатот испукал кушрум во близина на објект на Црквата на обединувањето, и иако полицијата не реагирала, соседите изјавиле дека слушнале силен пукот рано наутро на 7 јули (атентатот се случи на 8-ми).
Јапонскиот огранок на црквата е формиран во 1959, а тоа е претпоследната година од мандатот на Киши како премиер, кога црквата испратила мисионери во Јапонија и САД за да воспостави врски со влијателни политичари и бизнисмени. Доналд Трамп е уште еден од конзервативните политичари кои јавно се имаат поврзано со црквата.
Абе беше критикуван за држење говори во нејзина полза. Минатата година адвокати кои ги застапуваат луѓето кои тврдат дека загубиле пари поради црквата поднеле протестно писмо откако тој снимил видео порака со поддршка.
Мун имал долгогодишни врски со Јапонија, бидејќи одел во средно училиште во Токио. Бил обвинет за затајување данок во САД во 1981 и одлежал 11 месеци во затвор. Во 2008 ја префрлил контролата на црквата на својот најмлад син, кој по конфликт со мајка си формирал друга организација. Сега Црквата на обединувањето ја контролира сопругата на Мун.