Чечилија Галерани, жената на „Дамата со ласица“ на да Винчи, била љубовница на работадавачот на Леонардо, Лудовико Сфорца. Нејзиното семејство било големо, но не било ниту благородничко, ниту богато. Нејзинот татко едно време работел на дворот на спомнатиот војвода. Кога бил сликан портретот таа имала околу 16 години, и била позната по својата убавина, образованост и пишувањето поезија. На само шест години му била ветена на млад благородник од семејството Висконти, но кога наполнила 14 побарала договорот да се раскине, што ѝ било дозволено. Тогаш станала љубовница на војводата Сфорца и му родила син, Чезаре.
Ова се случило кога Сфорца веќе 11 години бил во брак со Беатрис Д’Есте, која имала репутација на една од најубавите и најсофистицирани принцези на италијанската ренесанса. Слично како и во случајот со Чечилија, и Беатрис била ветена на војводата кога имала само пет години, а се омажила со него кога наполнила 16. По неколку месеци открила дека нејзиниот сопруг се уште одржува врска со љубовницата, која дури имала и свои простории во неговиот замок, и го натерала да ја прекине врската со тоа што ќе ја ожени со војводата Лудовико ди Брамбила. Со него Чечилија имала четири деца. По смртта на мажот и синот, таа се повлекла од јавниот живот.
Но освен околу овие биографски детали на жената на сликата, големи дискусии се водени и за тоа дали животното на неа е навистина ласиче и што би требало да претставува. Традиционален симбол на чистота и умереност, за белата ласица се смета дека порадо би се предала на ловците отколку што би се криела на валкани места и би си го унаказила крзното. Но животното имало и директна врска со Сфорца, кој го користел како личен амблем, откако бил прогласен од Фердинанд Први, кралот на Наполи, за член на Редот на ласицата. Можно е и да станува збор и за лукава игра со презимето на Чечилија, Галерани, бидејќи на старогрчи ласицата се нарекува гале (γαλῆ). Но има и толкувања според кои во класичната литература ласицата се смета за заштитничка на бремените жени, а токму во времето кога е сликан портретот Чечилија била бремена со вонбрачниот син на Лудовико.
Сликата е откупена од страна на полската влада во 2016 за 100 милиони евра.