Најнова епизода на подкастот Рејдиолаб е посветена на следнава тема: „Која била најлошата година за живот како човек на планетата Земја?“ Претворањето на Помпеја во пепел, ако сте биле во близина на местото? Периодот на владеењето на црната чума? Крстоносните војни? Монголската инвазија на Кина?
Во обидот да се земат предвид повеќе фактори, но и глобалниот обем на одреден настан или проблем кој влијаел врз поголем број население, неласкавата титула „најлоша“ ѝ е доделена на годината 536-та.
Зошто токму на неа?
Малку поширок контекст за тоа што се случува во тој период на шестиот век. На планетата има неколку стотина милиони луѓе. Моќната Римска империја се распаѓа на два дела. Нешто слично се случува и во Кина. Тоа е истовремено класичен период на цивилизацијата на Маите во Централна Америка. Ова значи дека сепак постојат општества, цивилизација, големи градови, канализациски системи и развиена култура, свет со кој можеме да се поистоветиме барем во таа смисла.
Но главен проблем таа година не биле политичките турбуленции и војните туку - климатските промени предизвикани од екстремни настани кои се случиле во 535-536, најверојатно од серија вулкански ерупции. Ова предизвикало голем „превез“ од прашина кој ја покривал целата Северна хемисфера. Прашината го спречувала сонцето да пробие, па животот се одвивал во комбинација на мрак и загушливост. Секако, последица на ова било и уништувањето на посевите и вегетацијата воопшто, како и на птиците од кои останале само најиздржливите.
Италијански државник по име Касиодор оставил запис:
„Сонцето изгледа како да си ја загубило сопствената светлина и делува некако синкаво. Се чудиме што не можеме да ги видиме сенките на нашите тела напладне“.
Слична изјава има и реторот и бискуп Захарија, роден во Газа на Блискиот Исток. Неговиот запис гласи:
„Зимата беше сурова, од толку несакан и голем снег птиците целосно исчезнаа. Помеѓу луѓето имаше голема вознемиреност од лоши нешта“.
Кои се тие „лоши нешта“ кои луѓето ги замислувале не е тешко да се погоди - сите мислеле дека ќе умрат. Некои цивилизации одбрале просто да замолкнат и да чекат „лошото“ да помине. На пример во историјата на Маите има мини-период кој се нарекува прекин на класичниот низ кој поминувала оваа култура во шестиот век. Маите, имено, правеле специјални декоративни столбови за секоја година, со изрезбана хроника на најважните настани. Но во овој период едноставно прекинале да ги прават. За нив како времето да застанало.
Она по што оваа најстрашна година сепак се разликува од нашите „страшни“ е еден факт - никој од овие народи немал претстава за глобалниот опфат на несреќата. Веројатно Маите мислеле дека се нешто посебно казнети од боговите, а истото можеби го мислеле жителите на Европа. Немало глобална солидарност и споделување информации, туку секој во микро-заедниците си се справувал со проблемот онака како што знаел и умеел. Немало видеа на јутјуб и „анализи“ на Твитер.
Дали така на луѓето им било подобро или полошо? Како и да е, изгледа треба да сме малку повоздржани во оценувањето на нашиве како „катастрофални“ години. Ако ништо друго, барем можеме да си ги видиме сенките.