Која била ќерката на Клеопатра?

Документарниот филм „Кралицата Клеопатра“ во четири епизоди, актуелен на Нетфликс, има „шокантно“ низок рејтинг и кај публиката и кај критичарите. Контроверзите се должат на тоа што за главната улога во симулациите на владеењето на египетската кралица е одбрана црна глумица, нешто за што реагираат дури и официјалните власти во оваа земја. Но како и секогаш, оваа бура актуелизираше споредни теми - на пример тоа дека Клеопатра имала малку позната ќерка-владетелка.

Додека Антоние и Клеопатра се овековечени во историјата и во популарната култура, нивното потомство е целосно заборавено. Па сепак, нивната ќерка, Клеопатра Селена, била значајна владетелка.

Љубовта на Клеопатра Седма, кралица на Египет и Марко Антоние е извор на фасцинација над 2000 години, прв пат запишана како факт во историски трактати и биографии од старогрчки и римски автори, а потоа како фикција во песни, драми, романи, серии и филмови. Она што е помалку познато е дека тие имале три деца: близнаците Клеопатра Селена и Александар Хелиос и нивниот помлад брат Птолемеј Филаделфос. 

Двајцата синови исчезнале од историската сцена без објаснување, веројатно како жртви на болест во текот на нивното детство. Но Клеопатра Селена не само што доживела зрелост, туку станала и значајна и влијателна политичка фигура. Таа тврдела дека потекнува од грчко-римскиот полубог Херакле/Херкул и историските херои Филип Македонски, Александар Велики, Птолемеј Први и Птолемеј Втори, како и дека има роднински врски со римските императори Август, Тибериј, Калигула и Нерон.

Во текот на нејзиниот динамичен живот таа била прво египетска принцеза, потоа римски затвореник и на крај африканска кралица. За разлика од нејзината мајка и другите жени-владетелки од регионот како Будика или Зенобија, кои се запомнети поради граѓанските војни и бунтови против нивните режими, парадоксалната причина што за Клеопатра Селена малку се знае е веројатно тоа што била - успешна. 

Кога Октавијан пристигнал во Египет летото во 30-тата година п.н.е., Антоние и Клеопатра биле подготвени за последна битка пред да паднат во неговите раце. Антоние доживеал нервен слом, но Клеопатра била многу поагилна - праќала курири кај Октавијан, најпрвин нудејќи му да го предаде Антоние, а потоа да абдицира во корист на своите деца.

Кога станало јасно дека поразот не им бега, Антоние и Клеопатра извршиле заедничко самоубиство, само за да не се предадат. Иако децата успеале да се спасат со заминување од земјата, смртта на нивните родители подразбирала дека тие барем формално се владетели на Египет. Оттаму, биле вратени за да владеат барем додека кралството не било официјално анектирано од Римското царство две недели подоцна. Кога Октавијан ја напуштил новоформираната провинција, со себе ги зел и нив. 

Сонот на Октавијан бил да ја зароби Клеопатра жива, што би му овозможило да ја шета низ улиците на Рим одбележувајќи го триумфот, исто како што Цезар ја шетал нејзината сестра Арсоноа прославувајќи ја својата победа во Александриската војна дваесетина години претходно. Очигледно, самоубиството на Клеопатра го оневозможило ова, па наместо тоа, Октавијан парадирал со кукла во облик на Клеопатра како држи змија-отровница, додека Клеопатра Селена и Александар Хелиос, облечени како месечина и сонце во согласност со своите имиња, чекореле до неа. 

Тогаш близнаците имале десет години и биле аристократски воспитани на египетскиот двор. Сега требало да се донесе одлука што да се прави со нив - биле сместени во куќата на Октавија, постарата сестра на Октавијан. Така тие биле вклучени во поширока заедница кадешто спаѓале и други деца на кралеви, испратени во Рим за да бидат „романизирани“ или пак исто така биле сирачиња на некогашни владетели поразени од Римјаните. 

Кога Селена малку потпораснала, Октавија договорила брак помеѓу неа и Гај Јулие Џуба, синот на кралот Џуба од Нумидија (модерен Алжир, Тунис и Либија), кој исто така извршил самоубиство пред да биде победен од Цезар. Селена и Џуба делеле иста судбина, со тоа што биле донесени во Рим и одгледувани како римска аристократија. Џуба бил високо образован и автор на поголем број трактати на широк опсег теми. Преку нивниот брак Римјаните би „убиле две муви со еден удар“ - би контролирале двајца потенцијално проблематични политички опоненти. Им го доделиле кралството Мавританија која на времето била многу поголема по територија отколку денешната и содржела и грчки и римски колонии и им дозволиле да носат независни одлуки. 

Селена и Џуба се покажале како одлични владетели. Селена постојано се навраќала на своите египетски корени, го исполнила главниот град Цезареа со грандиозни згради инспирирани од Рим но и од Александрија и исковала монети со нејзиниот и ликот на нејзинот сопруг. 

Парот владеел со Мавританија речиси две децении, до раната смрт на Клеопатра Селена на возраст од 35 години. Според комеморативен епиграм напишан во нејзина чест, изгледа дека нејзината смрт се совпаднала со помрачување на месечината, што најверојатно значи дека тоа се случило на 23 март 5-тата година пред нашата ера. „Селена, без здив, почна да се симнува во Адот. Со себе ја понесе сета своја светла убавина, поради што по нејзината смрт завладеа мрак“. 

По неа и Џуба владеел нивниот син Птолемеј, кој бил егзекутиран според наредби на Калигула, роднина на неговата мајка. 
 

20 мај 2023 - 08:39