Кој го поседува кралското тело?

Јавниот интерес за здравјето на монарсите во себе крие анксиозност кај јавноста поврзана со нивната способност да владеат, но истовремено може да е потсвесен страв дека владеаните би можеле да останат без господар.

Кралските тела се постојано во вестите. Од почетокот на годината (а таа само што почна) веќе се случи абдикација на данската кралица Маргарета поради здравствени причини. Следеа здравствени проблеми во британското кралско семејство, со операцијата на абдомен на Кејт Мидлтон, принцезата од Велс. А пред 2 дена, на 6.2. дознавме дека и новиот британски крал има дијагноза - рак на простата. 

Моменталната фасцинација со здравјето на британското кралско семејство отсликува долгорочна тензија помеѓу она што јавноста треба да го знае за своите владетели и правото на приватност на конкретниот човек. 

Историски, кралските тела секогаш го привлекувале јавниот интерес, па британските весници од 18 век известуваат и за кралскиот начин на исхрана, и за здравствената состојба на сите на дворот. Се вршат и истражувања на истите, како ова кое укажува на меракот кој кралот Џорџ Трети го имал за ќебапи. 

Некако е тешко да се размислува за смртните тела на поединечните владетели а притоа да се промовира идејата за продолжување на монархијата како институција, по можност во бесконечност. Оттаму и некогашниот концепт на „двете тела на кралот“, теорија која објаснувала како божественото право на владеењето постои истовремено со духовната и симболичка институција каква што е монархијата и со поединечните тела на владетелите кои ја претставуваат.

Растечкиот јаз помеѓу суверенитетот на нацијата и кралот како индивидуа во 18 век поттикнало прашања околу тоа кога еден крал (или кралица) веќе не е се подобни да владеат. На некој начин, кралското тело почнало да ѝ припаѓа на нацијата. 

Парламентот, на пример, прилично детално го следел секојдневниот живот на Џорџ Трети. Кралското домаќинство морало да дава извешти за истото, како што се јадело во замокот и дали имало некакви здравствени неприлики. Ова особено имајќи ја предвид менталната болест на Џорџ (по денешни стандарди веројатно биполарно нарушување), која за малку ќе предизвикала политичка криза во 1788. Иако медиумите ја информирале јавноста за сето ова, сепак не давале многу детали, за да не креваат паника околу способноста на монархот да владее.

Јасно е дека и денес членовите на кралското семејство не можат да уживаат целосна приватност, во кој и да е поглед, па и во контекст на здравјето. Инсистирањето на приватност би можело дури и да го поткопа постоењето на монархијата како институција, затоа што оние кои се за нејзино зачувување сметаат дека е нивно право да знаат кој владее, а можеби и стравуваат од тоа да бидат оставени „сами“, невладеани од никого. Кралските тела живеат привилегирани животи затоа што, на крајот на краиштата (и можеби по малку иронично), тие тела им припаѓаат на нивните поданици. 

извор

8 февруари 2024 - 09:45