Џонатан Пуркис е самонаречен „социолог-багабонт“, чии истражувања меѓу другото се занимаваат со историјата на автостоперството и взаемното транспортно помагање. Тој на автостоперството гледа како на наследник на долга традиција на самодоволно патување, чии корени се во афоризмот на Лао Це - патот е позначаен од дестинацијата. Дел од таа традиција е и изумувањето на велосипедот во 19 век, кога за прв пат е овозможено независно патување за милиони работници.
Но од кога датира обичајот на стоење крај пат со кренат прст, како знак за молба за превоз? Најраните записи за автостоперството се на студент по име Чарлс Браун џуниор, кој во 1916 опишал свое патување од речиси 1300 километри од Форт Вејн, Индијана го Њујорк. Го возеле, меѓу другите, свештеник, уметник, наставник и доктор, а последниот бил толку фасциниран од авантурата на Браун што и покрај тоа што бил тргнат да провери некој итен случај извозел 16 километри повеќе за да го однесе до посакуваната десетинација.
Ветеранот-автостопер Ирв Томас кој ја открил автобиографијата на Браун во 2004, всушност го открил и првото име за ваквиот тип на транспортна услуга - „автомобилско багабонтство“, како различно од оние кои одат пешки, барајќи засолниште или работа. И надворешните знаци на овој „багабонт“ подоцна наречен автостопер биле различни - последните долари Браун ги потрошил на нови алишта, бричење и потшишување, а наместо платнена вреќа носел куфер.
Во 1920-тите ова веќе се вика „хичхајкинг“ односно автостоперство. Потеклото на гестот со палецот не е баш јасно - можеби бил користен од селските патници во периодите на патување со коњски запреги, за нивно запирање на пат, но сигурно е дека во 1930-тите и тој веќе бил добро воспоставен бидејќи во комедијата „Се случи една ноќ“ (1934) со Клерк Гејбл тој вели на својата придружничка на патот: „Сè е до стариот добар палец. Тој секогаш успева“.
Но автостоперството навистина станало тренд во време на Големата депресија, кога станало кодифицирано како чин на социјална солидарност. Во Европа пак, нешто слино се случило во годините по Втората светска војна, кога одеднаш можело да се оди насекаде, но не се имало пари за тоа. Така, автостоперството станува одлика на контракултурата, протест против конзумеризмот и дел од алтернативното општество на комуни и фестивали.
Првото опаѓање на оваа навика се забележува во средината и при крајот на 1980-тите. Најпрвин почнува да се менува демографијата на оние кои патуваат на овој начин, со помалку претставници на постарата генерација, повеќе сезонски, начин да се стигне до и од летните фестивали. До 1990-тите автостоперството станува нешто што луѓето го прават само во хорор филмови. За ова има повеќе причини а една е порастот на сопственици на автомобили, но и фактот дека автостоперството почнало да станува поризично за самите автостопери. Тоа барем така било претставувано во медиумите, можеби од педагошки причини - да ги спречи младите да патуваат на овој начин. А можеби станувало збор за завера, низ приказот за наводната ерозија на традиционалната моралност и губење на заедницата да се пласира приказна за индивидуалецот-автомобилист кому не му е потребно друштво за да помине километри, само плејлисти, подкасти и хендс-фри телефон. Автомобилите стануваат екстензија на дневната соба, и возачите се сè помалку расположени да поканат туѓинци во неа. Нешто што можеби ќе се промени, со оглед на цената на превозот, кој ќе наметне нови форми на организирање и автостоперство.