Доколку го изгуглате името на Милун Мрвиќ на кирилица, нема да добиете релевантен резултат. На латиница, пак, се појавува информација за изложба одржана во рамки на фестивалот Визуализатор во Белград, во ноември 2019. Во каталогот, изработен на македонски, српски и англиски јазик, пишува дека изложените дела се од збирка на Музејот на град Скопје, албуми со 1500 фотографии на различни теми, кои во оваа институција стигнале како донација од семејството Бадер. „Нивната врска со Мрвиќ е непозната, но се претпоставува дека биле блиски пријатели, затоа што на многу фотографии се наоѓаат членови на досега непознатите семејства Бадер и Мрвиќ“.
Изложбата чии куратори се Славица Христова, Татјана Ѓоргиоска и Оливера Џартовска Тачевска од Музејот на град Скопје, се обидува да одговори на прашањето од нејзиниот наслов - „Кој е Милун Мрвиќ?“, изнесувајќи ги достапните податоци од неговата биографија. Тој потекнувал од Раковица-Белград, а во периодот на 30-тите години на 20 век живеел и работел во Скопје. На неговите фотографии има портрети на семејството и пријателите, пејзажи од тогашното кралство Југославија, и политички собири и авиони. Сите тие го прикажуваат животот во периодот на затишјето помеѓу двете светски војни. Освен релаксираните моменти на играње карти и пиење пиво со друштвото, Мрвиќ регистрира и историски важни случувања, како што се кралот Александар Караѓорѓевиќ, посетите на Милан Стојадиновќ (премиер на Југославија од 1935-1939), погребот на партијархот Варнава во Белград, како и различни прослави и празнувања.
Таткото на Милун бил шеф на Казнено-поправни установи во Белград и Скопје (Идризово), а синот веројатно бил поприврзан за мајка си, која често фигурира на неговите портрети. Имал авантуристички дух, склон кон експериментирање со техничките можности на тогаш релативно новиот медиум на фотографијата. Се обидувал да црта и карикатури. Што се однесува до тоа од што живеел, единствениот податок до коишто дошле истражувачките е дека тој бил секретар на Железничката управа-Белград, а очигледно повремено заработувал и од фотографијата, на пример како главен фотограф и светло мајстор на снимањето на филмот „Погон Б“ во 1958, на режисерот Војислав Нановиќ, по сценарио на Арсен Диклиќ.
На голем дел од фотографиите има жени кои по својот изглед делуваат како да не се сликани во Скопје или Белград, туку некаде во Њујорк или Париз. Убави, силни, дотерани - шизики, тие често се и сосема голи, во високо естетизирани пози. Една од нив, Стана Матијевиќ, е и на насловната на монографија посветена на Скопје од 1918-1940-та.
Поголем број фотографии од збирката и до сега се користени во претходни изложби и изданија на Музејот на град Скопје. Сепак, би било убаво ова значајно наследство да се одбележи и со посебна изложба и монографија посветени на овој софистициран фотограф, чие дело е се уште непознато за пошироката македонска јавност.