Љубовни, тажни, патриотски, песни за кралеви и слуги, за просјаци и пирати, за киднапери и духови. Добредојдовте на топ листата на најпопуларните хитови од 17 век во англиското говорно подрачје - балади кои ја опседнувале фантазијата на „просечните луѓе“ и ги збогатувале музичките продуценти во зародиш.
Кристофер Марш, професор по историја на Универзитетот Квинс во Белфаст и Анџела МекШејн од Универзитетот во Ворвик, се зафатиле со броење на изданија на нотните записи на песните (кои се продавале отпечатени на еден лист за едно песни) и на други метрички релевантни елементи, за да ги идентификуваат хитовите на тоа време. Нивниот проект „100 балади“ е еден вид архива но и збир на нови снимки од популарните песни, преку кои се откриваат почетоците на музичката индустрија.
„Ова е најраната форма на комерцијална поп музика во Англија“, изјавил Марш. „За прв пат во историјата луѓето се обиделе да објават песни за да заработат пари“. Сега тие се повторно оживеани - Енди Вотс од бендот Карневал собрал 22 музичари за да ги снимат 100-те песни кои се вклучени на веб страницата. Станува збор за песни кои биле изведувани во крчми, на пазари и на плоштади, а чии записи луѓето можеле да ги купат од нешто што денес би биле дискографски куќи, кои преку јавните изведби всушност си ги рекламирале „артистите“ и нивните песни.
Имињата на пејачите најчесто не се познати, а и нивната репутација не била баш добра - се сметало дека соработуваат со џепчиите, кои им ги собирале вредните предмети на оние кои застанувале да слушаат.
Иако имало и претходни историчари кои рутински цитирале балади, тие не биле прецизни околу тоа дали конкретната песна била популарна. А такви биле главно оние кои зборувале за љубов, за проблеми помеѓу мажите и жените, но и хумористичните. Сепак, помеѓу 120-те песни има и трагедии и песни за познати битки (во една од нив се зборува за дури 3.884 трупови на убиени војници). Во друга пак извесен Џаспер Канингем од Абердин се гуши во оган откако го удира гром, како казна за тоа што ѝ се пуштал на сестра си.
Прва на топ листата според проценката на авторите е „Талкачкиот принц од Троја“, прераскажување на Вергилииевата „Енеида“, чиј успех се толкува како резултат на добрата мешавина романса, трагедија, историја и натприродни интервенции. „Ленон и Макартни“ на тоа време биле авторите кои ретко се потпишувале на записите, а единствено се знае за извесен Томас Делони, ткајач кој напишал седум од баладите на листата.