Пред неколку дена, Мајк Пенс, човекот кој наскоро ќе стане потпретседател на САД и ќе раководи со земјата рака под рака со Трамп, присуствуваше на изведба на мјузиклот Хамилтон - хип-хоп верзија на историјата на САД на сцената на Бродвеј, која од премиерата во 2015 доби еден куп награди (Греми, Тони и Пулицер, за што пишувавме тука).
Откако дел од публиката го исвирка при влегувањето во салата, тимот на „Хамилтон“ ја искористи приликата по завршување на претставата да му се обрати. Актерот кој го игра потпретседателот Арон Бур од времето на Џеферсон, притоа му порача:
„Ние, господине, сме претставници на различностите во Америка, и сме вознемирени и усплашени дека вашата нова администрација нема да нè заштити. Се надеваме дека ова шоу ќе ве инспирира да се држите до нашите американски вредности и да работите во наше име“.
По ова следеше бурен аплауз од публиката, а Пенс, кој го слушал обраќањето на пола пат кон вратата, наводно излегол со насмевка на лицето.
По ова следеше бура на социјалните мрежи - Трамп бараше извинување од актерите заради „малтретирање“ на неговиот потпретседател, други го бранеа правото на слободен говор од театарската сцена. Трети не ни проверија за што станува збор, туку твитаа за погрешна претстава и погрешен театар, во Хамилтон, Онтарио. Она што остана кога се слегна првичната прашина е дали театарот е место каде човек треба да влезе и да излезе без да зуцне, и истото да важи и за актерите кои само треба да си ја гледаат својата работа, или пак тој е некој вид „агора“ - јавен простор на кој секој има право да го искаже своето мислење, за работи во и вон театарот.
Како што пишува Њујорк Тајмс, во времето кога демократското право важело само за богатите, белите и мажите, театарот бил место каде сите останати можеле да се качат на сцена, или од публика буквално да го кренат својот глас. Во 1832, на пример, во тек на изведба на Ричард Трети во театарот Боувери на Менхетен, 300 агилни луѓе од публиката им се придружиле на актерите на сцена за да учествуваат во финалното мечување и убивањето на кралот. Според новинска репортажа од тоа време „публиката се мувала со војниците и трчала преку сцената“, а во текот на последниот дуел направила круг за да обезбеди фер плеј, во кој ги држела актерите повеќе од петнаесет минути.
Одењето во театар во 19 век во САД така повеќе личело на следење фудбалски натпревар отколку на гледање претстава. Од публиката се очекувало да крева барем малку џева, и да влијае врз она што се случува на сцената, а не само да купува билети и да ќути. Имало театри и за работничката класа, во кои тие го рецитирале Шекспир на памет и ги поправале актерите кога овие го заборавале текстот. Иако официјално театарот бил нелегален за Афро-американците, тие сочинувале добар дел од публиката од Балтимор до Бостон. Сите тие, откако еднаш ќе влегле во салата, си ги барале своите права - инсистирале на повторна изведба на омилената песна, ги критикувале актерите кои ги заборавале репликите и се бунеле ако не им се допаѓала некоја поделба на улогите. Весниците од тоа време пишуваат за изведби во кои актерите играле „глувонемо“, односно биле толку потиснати од вревата на публиката, што нивниот глас воопшто не се слушал. Она што луѓето не можеле да го направат вон театарот - да покажат дека ги има, и дека имаат моќ - го правеле во театарската сала.
Слично како Пенс во 2016, во 1801, писателот и дипломат Вашингтон Ирвин влегол во театар во Њујорк, каде бил нападнат со јаболка, кикирики и колачиња со ѓумбир од „боговите во галеријата“ - луѓето кои седеле на евтини места на балконите - со одлична позиција да ги гаѓаат оние на поскапите места. И таа можност, физички и политички да ја коментираат класната поделба, не ја пропуштале.
Фрлањето јајца, скапани овошја, тикви, па дури и труп од овца на сцената биле вообичаени реакции на незадоволната публика. Била дозволена дебата, а публиката можела да пее и да навива. Денес таа (главно) седи во мрак и ја игра улогата на приватен потрошувач на некакво културно искуство, а не на претставник на „народот“. Билетите се често толку скапи (а особено за толку популарно шоу како Хамилтон) што само богатите можат да гледаат вакви претстави. Сепак, дури и во такви околности, обраќањето кон Пенс за момент го врати дијалогот во театарот.
Целиот саундтрак на претставата, кој е и своевидна историја на рапот и хип-хопот, тука