Виет Тан Нгујен ја доби престижната награда за неговиот дебитантски роман, „Симпатизерот". Авторот, инаку професор по англиски на Универзитетот Јужна Калифорнија и критичар за ЛА Тајмс, е со виетнамско потекло, а неговата книга се однесува токму на приказна на имигрант, симпатизер на комунистите од 1970-тите, раскажана од „човек на два ума", кој припаѓа на две земји, Виетнам и САД.
„Ви благодарам на убавите желби. Два пати проверив со реални луѓе кај моите издавачи, и тие велат дека е вистина", напиша на Фејсбук авторот, кој очигледно бил изненаден од добивањето на наградата.
Главниот лик во „Симпатизер" следи еден интелигентен двоен агент, кој на крајот на виетнамската војна се сели во Јужна Калифорнија и завршува на филмски сет сличен на оној на „Апокалипса сега". Делумно трилер, делумно политичка сатира, книгата е оценета како длабoка, занаетчиски направена и дијаметрално спротивна на наративите за Виетнамската војна кои ѝ претходеле. До сега таа ги имаше добиено наградите Книга на годината на Њујорк Тајмс, на Амазон и практично на сите позначајни медиуми кои имаат сериозни книжевни рубрики.
Пулицер за драма доби „Хамилтон" на Лин-Мануел Миранда, бродвејски хип-хоп мјузикл за еден од основачите на САД, Александар Хамилтон. Ова е девети мјузикл во стогодишната историја на Пулицер кој ја добива оваа награда. Албумот за „Хамилтон" претходно доби Греми, а шоуто е фаворит и за наградите Тони кои се доделуваат на лето.
За поезија награда доби „Озонскиот дневник" на Питер Балакијан, ерменско-американски поет, писател и професор. Неговата книга зборува за минати трагедии кои го даваат тонот на сегашното, глобално доба на опасност и несигурност.
Во рубриката нефикција, награда доби книгата „Црни знамиња: подемот на ИСИС" од Џоби Ворик, резултат на истражувачко новинарство со „неверојатна јасност", кое покажува како погрешните причини за војната во Ирак довелe до растеж на Исламската држава.
Пулицер за музика доби In for a Pennny, In for a Pound, двоен албум на авангардниот џез композитор и саксофонист Хенри Тредгил, кој настапи и на Скопскиот џез фестивал во 2008, „сонична таписерија која го отсликува модерниот американски живот". Интервју по соопштувањето на наградите со Тредгил за NPR тука
Новинарските награди, пак, отсликуваат промени во медиумскиот пејсаж - таква доби нов проект наречен „Маршал" основан пред само 17 месеци кој се занимава со онлајн истражувачко новинарство, а за сторија која ги анализира недоследностите на американските правни и судски органи во расчистување на случаи на силување. Вашингтон пост доби национална награда за проект кој користи податоци, графици и други алатки на дигиталното новинарство за да го регистрира секое убиство направено од страна на полицаец во 2015. Освен спомнатите, награди добија и Асошиетед Прес и Лос Анџелес Тајмс, а за колумна и критика две новинарки од Њујоркер.
Сите добитници тука