Koга снемува зборови за опис на ужасни настани

Светов историски знаел да биде и поопасен и поужасен, ама тоа е мала утеха за некој кој денес е под постојан наплив на информации за терористички напади и природни катастрофи. Една нуспојава на оваа вербална врева околу овие теми е - што снемува зборови тие да се опишат.

Ако има нешто фасцинантно во тоа како Американците се справуваат со своите трагедии е начинот на кои ги анализираат од сите можни аспекти, што го вклучува и лингвистичкиот. Коментаторка на Тајм, која е директорка на огранокот на овој весник во Сан Франциско, во неодамна објавен текст го анализира јазикот користен за опис на последиците од пукањето во Лас Вегас, кое резултираше со 59 мртви и над 500 ранети.

„Сплотени сме во тагата, шокот и жалоста“, беше првата изјава на Трамп по настанот, обидувајќи се да ја долови атмосферата со правење список на именки. Како што следеа реакциите, така именките и воопшто зборовите кои се обидуваа да ги изразат чувствата се трупаа. Фотограф кој бил на местото на настанот изјавил дека искуството било „неспоредливо“, а братот на извршителот на масакрот дека е „целосно запрепастен“ (dumbfounded). Дури и твитерџиите навикнати да се изразуваат „зипувано“ во 140 карактери сега можеа само да констатираат дека „немаат зборови“ и дека нивните чувства се „неискажливи“.

Дали овој чин треба да се нарече „тероризам“ или „масовно пукање“ е дискусија во која играат улога сложени толкувања на американските федерални и локални закони. Но терминологијата е важна не само во оваа, туку и во ментална и емотивна смисла, како алатки за осмислување на она што се случило и негово емотивно преживување. Оттаму не е необично што бројот на пребарувања на зборот „тероризам“ според речниците на англиски јазик онлајн пораснал веднаш по настанот. Но истовремено се актуелизирале и пребарувањата на зборот „надреално“, што според Меријам-Вебстер е дефинирано како „интензивна ирационална реалност или сон“. Збор кој во моментот за многумина претставувал утеха, затоа што ја потенцира ирационалноста на надворешниот свет - тој (светот) е луд, а не ние.

Некои зборови, тврди спомнатиот текст во Тајм, можат да ја олеснат и траумата, па дури и физичката болка доколку се изговорени гласно, во вистинско време. Затоа што тие ги артикулираат емоциите, стравовите и фрустрациите, па оттаму нудат олеснување. „Трагедија“, „масакр“...да се пронајдат зборови кои ќе опишат колективна трагедија не е многу поразлично од тоа да се обидеш да најдеш зборови кои би го опишале искуството, и би биле утешни за некој кој загубил родител или дете. Буквите и речениците се притоа „евтина“ репрезентација на хаотичната празнина која боли - обидот таа да се сумира, и тоа да се стори погрешно, може да биде навреда за тагата. Затоа и прибегнуваме кон молчење или кон фрази кои ја потенцираат неизречивоста на болката - за да не утнеме кажувајќи нешто што би претставувало непочитување на нејзиниот интензитет и длабочина.

4 октомври 2017 - 21:16