Доналд Лау е потпретседател на Вонтон Фуд, компанија која се смета за најголем производител на нудлс и „колачи на среќата“ во САД. Текст посветен нему во Њујоркер од 2005 го претставува не само како успешен менаџер, туку и како автор на оние кратки текстови на ливчињата кои се наоѓаат внатре колачите, а кои наводно ја пророкуваат судбината. Таа година Лау стана екстремно популарен бидејќи пет од шесте броеви кои тој ги навел како „среќни“ во некои од колачите излегле навистина такви. 110 души тогаш искеширале добивки на лото од по 100,000 долари. Текстот во колачињата гласел: „22-28-32-33-39-40 и сите подготовки кои сте ги направиле ќе се исплатат“.
Лау никогаш не очекувал да стане пишувач на колачи на среќата. Дипломирал на Универзитетот Колумбија инженерство и бизнис, работел за Бенк оф Америка, за да заврши во фабрика за кинеска храна, која специјализира во вакви колачиња. Кога станало јасно дека каталогот дотогаш користени изреки ќе мора да се обнови со некои нови и посовремени, колегите на Лау одлучиле дека тој е најквалификуван, не затоа што бил по поезијата, туку затоа што најдобро знаел англиски.
Најпрвин тој барал инспирација во таоистичките книги на мудрости, во лексиконите со светски поговорки, но „собирал“ и такви испишани на улични знаци и реклами. Со себе постојано носел тетратче и ги запишувал. Со оглед на тоа што овие изреки мораат да бидат кратки, тој морал да научи (нешто како твитерџија) да размислува во реченици од само неколку зборови. Со оглед на производството од дури 4,5 милиони колачиња дневно, неговата работа навистина била исцрпувачка. До моментот кога доживеал писателска блокада, и се откажал од оваа работа.
Сега тој тренира негов наследник - Џејмс Вонг, внук на оригиналниот основач на Вонтон Фуд, кој има и посебна титула, Main Fortune Writer (нешто како Главен писател на среќата). Со тоа конечно се оддава признание на оваа посебна писателска фела, која мора да биде креативна и издржлива во својата работа.