Книжевноста како сликарска инспирација

Кога Пикасо го илустрирал Балзак

За Пикасо се знае дека мразел да работи по порачка. Сепак, кога станувало збор за книжевноста направил повеќе од 50 исклучоци, илустрирајќи дела на автори на кои им се восхитувал.

Еден од омилените му бил шпанскиот барокен поет Луис де Гоњора, чии дела ги илустрирал во 1948. Но многу порано, во 1931, тој илустрирал краток расказ на Оноре де Балзак, „Непознатото ремек дело" (Le Chef-d'oeuvre inconnu), што индиректно ќе придонесе кон создавањето на едно од неговите најпознати дела, анти-воената Герника.

Пикасо ја прифатил нарачката за расказот на Балзак преку дилерот со уметнички дела Амброз Волар, и ги комплетирал тринаесетте илустрации кои биле дел од издание по повод стогодишнината од првото објавување на делото. Имено, овој краток расказ најпрвин бил објавен во весникот L'Artiste, под наслов „Мајсторот Френхофер" во август 1831, а бил интегриран и во „Човечката комедија", епското дело на Балзак кое се состои од 91 меѓусебно поврзани романи и раскази кои го опишуваат француското општество на 19. век.

Конкретниот расказ, на кого му се восхитувале и други сликари како Сезан и Матис, ја раскажува приказната за веќе остарен уметник по име Френхофер, кој опсесивно работи на дело кое го чува во тајност со години. Кога двајца помлади обожаватели, сликарите Пусен и Порбус, конечно го гледаат неговото тајно платно, тие се разочарани - тоа им изгледа како хаотична збирштина од линии, бои и форми - и тие го исмејуваат уметникот сметајќи дека тој полудел. Следниот ден Френхофер ги уништува сите негови дела и се самоубива.

Пикасо во голема мерка се идентификувал со приказната бидејќи и тој наидувал на слични реакции од колегите, на пример кога прв пат им го претставил прото-кубистичкото ремек дело „Госпоѓиците од Авињон". Подоцна тој тврдел дека духот на Балзак го прогонувал, и бил толку импресиониран од расказот што неговото ново студио одбрал да биде во истата улица каде најверојатно се случува почетната сцена од „Непознатото ремек-дело".

Тоа се случило во 1937, истата година кога нацистите го бомбардирале баскијскиот град Герника, па Пикасо ги баталил сите останати проекти предавајќи се на неговото славно дело кое ќе биде завршено истата година. И тоа, како и претходните, ја поделило критиката, и при неговата промоција на Париската изложба од истата таа 1937 „не предизвикало големо внимание". Сепак, за разлика од трагичниот Френхофер од приказната на Балзак, Пикасо не се предал на очајот и доживеал неговите дела да го добијат заслуженото признание.

Извор: Open Culture

10 јануари 2014 - 16:30