Кога Њујорк Тајмс ги „спржил“ книгите кои денес се класици

Некои од книгите кои денес се сметаат за најдобри во модерната историја на книжевноста, како „Квака 22“ или „Нежна е ноќта“, не наишле на добра критика на страниците на влијателниот весник. Не дека тоа нешто многу им наштетило.

Следниве книги денес се можеби славни, но кога прв пат се појавиле на страниците на рубриката „Бук ривју“ на Њујорк Тајмс биле отфрлени како „неоригинални“, „слаби“ па дури и „нечитливи“.

Меѓу нив, на пример, е „Метрополис“ на Аптон Синклер, за која анонимниот критичар на Тајмс напишал: „Новата книга на г-динот Синклер не е значајна, тоа не е литература, не е ниту ’добра приказна’...Сето она што е во неа веќе било некаде напишано, и тоа многу подобро“ (1908 година). 

За „Хауардс енд“ од Е. М. Фостер: „Како социјален филозоф, Фостер очигледно се уште нема формирано ниту едно сигурно убедување. Тој не покажува ниту моќ, ниту намера да влезе во костец со каков и да е важен човеки проблем“ (анонимен, 1911)

Кога на англиски била преведена „Тегобност“ од Жан Пол Сартр, Њујорк Тајмс реагирал на следниов начин: „Дали, од аспект на литературата, оваа книга вреди воопшто да биде преведена е големо прашање. Таа му припаѓа на стил кој делува тензично, но е всушност многу „лабав“, таков кој е популаризиран од страна на голем број второкласни автори...Во најлош случај, од некаде ѕирка Достоевски“ (критика на Владимир Набоков, од април 1949).

Некои автори кои подоцна станале миленици на Тајмс, најпрвин биле дочекани на нож, како во случајот со „Други гласови, други соби“ од Труман Капоти, неговиот прв роман. Критичарот Карлос Бејкер во 1948 напишал: „Приказната на Џоел Нокс [13-годишниот главен лик на книгата] не морала баш да биде раскажана, освен за писателот да си ја извади од системот“.

Имало и автори кои страдале од тежината на споредбата со нивните претходни дела. Таков бил случајот со „Нежна е ноќта“ на Ф. Скот Фицџералд. „Лошите вести е најдобро да се соопштат веднаш: оваа книга е разочарување. Иако ги претставува највпечатливите квалитети на Фицџералд, тоа прави неговите слабости да изгледаат непоправливи, бидејќи се присутни во еднаква мерка и во несмалена форма. Неговата нова книга е умна и брилијантна на површината, но тоа не е дело на мудар и зрел романсиер“ (Џ. Доналд Адамс, 1934).

Некои автори како да биле едноставно неомилени за весникот. Таква судбина имал Хенри Џејмс. Неговиот стил бил нарекуван „тортура“ а неговата фасцинација со кратки зборови „грозна“. 

Една карактеристика на сите овие критики е што кога нивните автори почнале да се потпишуваат со своите вистински имиња, текстовите почнале да стануваат поаналитични и понијансирани. Сепак, со тоа не станале помалку остри. Таков е освртот на Ричард Стерн од 1961 на „Квака 22“ на Хелер: „Тука има страст, хумор и жар, но и огромен недостаток на занаетчиски фат и сензибилитет. Хелер е како брилијантен сликар кој одлучува да ги фрли сите идеи од блокот за скицирање на едно платно, потпирајќи се нашармот и шокот за да компензира за недостатокот на осмислен дизајн“. 

извор

1 октомври 2021 - 16:59