Регрутиран во 1914, во екот на Првата светска војна, младиот Масон војувал во северно-источна Франција, бргу напредувајќи во хиерархијата. Но во меѓувреме, среде сиот хаос на рововската битка, тој продолжил да ја пишува неговата докторска теза - долга дисертација за верското образование на Жан-Жак Русо. До пролетта 1916 текстот бил завршен, корекциите направени и воведот (кој секако се пишува последен) напишан. Конечно можел да им соопшти на пријателите и на семејството - „Чудовиштето е готово!".
Побарал отсуство за да се врати на Сорбона, и да го одбрани докторатот. За жал тоа не се случило. Во исечок од весник пронајден од Кони Ружич, блогерка која е посветена на објавување помалку познатата поезија од времето на Првата светска војна, тој погинал на 26 април 1916, а докторската диплома му била доделена посмртно, на Сорбона на 4 март. Целата теза онлајн може да се најде тука
Сличен пример за неверојатно тешки услови на докторирање е оној на историчарот Фернанд Бродел, исто така Француз, кој за среќа успеал да ја преживее војната и да ѝ се израдува на титулата. Во 1940, тој како тогашен војник во француската армија бил заробен од Германците и затворен во камп за воени затвореници, каде останал до крајот на војната.
Но тој не губел време - во ќелија со уште дваесетина затвореници тој го пишувал неговото антологиско дело „Медитеранот и медитеранскиот свет во времето на Филип Втори" (не, не македонскиот), и тоа само потпирајќи се на неверојатната меморија и на локалната библиотека. Делови од текстот му испраќал на менторот, Лисјен Фебвр, а кога го завршил, тој имал над илјада страници.