Кога во 1814 Наполеон Бонапарта бил поразен, нему му бил доделен медитеранскиот остров Елба, за да го раководи со околу 600 луѓе како лична гарда. Но веќе по една година избегал, за потоа да биде повторно поразен, кај Ватерло.
Овој пат неговите непријатели решиле да го изолираат на место од каде што сигурно не би можел да побегне. Го одбрале островот Света Елена, во јужниот Атлански океан, oколу 2.000 километри од најблиското копно. Освен тоа, британската кралска морнарица во тој момент го контролирала Атлантикот, што го правело потенцијалното бегство невозможно. За секој случај, му доделиле и вооружен чувар, и го сместиле во осамена куќа полна влага и стаорци по име Лонгвуд. Што е за право, Британците се согласиле да го обезбедуваат „малиот генерал“ со вино, месо и музички инструменти.
Сепак, за човек со толку бурно минато како неговото, Наполеон на островот умирал од досада. Мала утеха било присуството на Емануел Огустин Дидон Јозеф, грофот де Лас Каз, француски историчар и лојален поддржувач на Наполеон, кому му било дозволено да дојде со него на Света Елена. Со оглед на тоа што единствената литература со која располагале била на англиски, Ла Каз се нафатил да го научи Наполеон на јазикот на неговите душмани.
Упорен каков што бил, тој по три месеци на островот ги минал следните три учејќи и преведувајќи поезија или други текстови кои му биле достапни, од англиски на француски и обратно. Од овој период се сочувани осум страници ракописно испишани од раката на војсководачот. Една грешка која се провлекува во нив е користењето на француското „ј“ (скратено од је) наместо англиското I за „јас“.
Лас Каз запишал дека неговиот ученик „е неверојатно интелигентен, но има многу лоша меморија“ и дека граматиката му одела подобро од помнењето зборови. Сето ова учителот го пишува во „Мемоарите од Света Елена“ - книга која зборува за 15-те месеци минати на островот со Наполеон, која по објавувањето станала сензација. А еве како звучел англискиот на Наполеон - нешто како лик од серијана „Ало ало“.
Since sixt week j learn the Englich and j do not any progress. Six week do fourty and two day. If might have learn fivity word four day I could know it two thusands and two hundred. It is in the dictionary more of fourty thousand; even he could must twinty bout much of tems for know it our hundred and twenty week, which do more two yars. After this you shall agrée that to study one tongue is a great labour who it must do into the young aged.