Првиот пат кога Марлон Брандо го видел Тетиароа во раните 1960-ти, тоа било нешто што му личело на „тенок молив од земја“ на хоризонтот на јужниот Пацифик. Пoдоцна, кога правел пауза од снимањето на „Побуна на бродот Баунти“, најмил рибар да го однесе со бротче до гребенот и сфатил дека овој дел од архипелагот Сосајати ајлендс во Француска Полинезија бил многу поубав отколку што очекувал.
Околу 50-тина километри северно од Тахити, Брандо наишол на 12 мали корални острови (мотуси) кои опкружувале спокоен залив. Морски птици одмарале на дебелите гранки на кокосовите дрвја, а песочните плажи на кои немало туристи изгледале како рај на Земјата.
Во својата автобиографија „Песни кои ги научив од мајка ми“, Брандо напишал:
„Лагуната беше обоена во повеќе нијанси сино отколку што мислев дека е можно: тиркиз, длабоко сина, светло сина, индиго сина, колбатно сина, кралско сина, аквамарин, сина како јајце од црвеногушка. Една сенка падна на кратко врз островот, потоа сонцето повторно светна како сатен врз живописните бои на лагуната. Беше магично.“
Тетиароа го магепсал Брандо, толку многу што неколку години подоцна го купил. Атолот претставувал негово бегство од Холивуд каде играл во филмови како „Кум“ и „Трамвајот наречен желба“. Но ова парче земја не го купил само за себе. Тој сакал тука да отвори „Универзитет на морето“, каде светски познати научници би вршеле најнови истражувања, а студенти би можеле да научат за тоа како се конзервира една еко-заедница и да ја запознаат полинезиската култура. Со други збори сакал Тетиароа да биде модел за одржлив развој и туризам.
За жал починал во 2004 без целосно да ги исполни своите планови. Но во текот на последнава деценија неговиот сон станува реалност. Истражувачи од цел свет сега ја користат Тетиароа како жива лабораторија, а деца од школска возраст ја посетуваат за да го запознаат традиционалното знаење и приказните на своите полинезиски предци. Атолот е истовремено и експериментална локација за иновативни технологии и методи за борба против климатските промени.
Самата територија има многу интересна историја. Од 18 век атолот станал дестинација за одмор за кралското семејство од Тахити. Вo 1904, семејството му го дало на канадскиот забар Волтер Вилијамс, наводно како надомест за неговите медицински услуги. Вилијамс тука основал плантажа кокоси, со својата посвоена ќерка Марџори Дуран, која по неговата смрт го наследила имотот.
Кога Брандо прв пат дошол на Тетиароа, „Мадам Дуран“, која тогаш била стара и слепа, живеела таму во колиба со радио приемник и помошничка по име Ени. Во спомнатата автобиографија Брандо раскажува како зборувале со часови и како се вратил да ја види повторно по неколку месеци. Најпрвин таа не сакала да го продаде островот. Но неколку години подоцна, кога здравјето веќе ѝ било нарушено, таа го контактирала Брандо и го прашала дали е уште заинтересиран. Се договориле за 200.000 долари и така Брандо официјално го купил атолот во 1966.
Од тогаш тој секој слободен момент го поминувал тука, забележувајќи значајно подобрување на неговото здравје секогаш кога го правел тоа. Една вечер, легнал на песокот и ставил кокос под главата како перница. Пред да задреме, погледнал кон ѕвездите и помислил:
„Еве сум тука на ова мало парче земја среде огромниот океан, на планета среде бесконечен простор што го нарекуваме вселена. Пo оваа ноќ, никогаш повеќе не се сметав за сопственик на островот, само дека сум платил за прилегијата да бидам тука. Мислев на сите Тахиќани кои биле тука пред мене, лежеле на истата плажа и гледале во истите ѕвезди пред 500 или 1000 години. Сeкогаш кога одев таму ги чувствував духовите на луѓето кои живееле тука“.