Средбата е опишана во поглавје на aвтобиографијата „Јас, Маја Плисецкаја" од 2001, под наслов „Марк Шагал ме црта". Таа прв пат го запознала сликарот преку заедничка пријателка во неговиот дом во јужна Франција, кога се обидела да го научи неколку балетски позиции, а тој ја цртал со јаглен на хартија. Десет месеци подоцна повторно се сретнале во Њујорк, додека тој го завршувал големиот мурал во тогаш новата зграда на Метрополитан опера. Двете слики кои ја красат внатрешноста на зданието, „Триумф на музиката" и „Извори на музиката", вклучуваат фантастични претстави на ангели, егзотични животни и музичари, но помеѓу нив и фигури на балерини, за кои му позирала токму Плисецкаја.
Доминантна боја на првиот мурал е црвената, а фигурите на музичарите се мешаат со слики на архитектонските чуда на Њујорк, но и сцени кои им оддаваат почит на џезот и фолклорот. Вториот мурал пак го претставува дрвото на животот, како и сцени од опери на Бетовен, Моцарт, Бах, Вагнер и Верди. Делото било промовирано на 8 септември 1966, а освен на двата мурала (коишто се всушност на платно и теориски можат да се вадат), тој бил автор и на сценографија и костими за продукција на „Волшебната флејта" на Моцарт во истата оперска куќа.
Плисецкаја имала интересен живот, обележан со меѓународна слава, но и со политичка репресија на почетокот на кариерата, кога во тогашен СССР цели шеснаесет години не ѝ било дозволено да оди на турнеи со Бољшој вон земјата. Никита Хрушчов, кој ја укинал забраната во 1959, ја опишал како „не само најдобра балерина во Советскиот Сојуз, туку и најдобра во светот".
Еве ја, на 61 година, во антологиската сцена на лебедот што умира (Токио 1986)
Уште една изведба по којашто ќе се памети, „Болеро" од 1975, со 40 машки танчари