Сосема вообичаено, на филолошкиот оддел на Универзитетот Јосип Јурај Штросмаер во Осијек дошло време да се промовира наставник во повисоко звање. Оние кои работат во високо-образовна институција знаат што може да значи ова - почеток на задкулисни оговарања, игри, местенки, особено ако на факултетот постојат кланови или нетрпеливост од каков и да е вид.
Во ваков дух, Санда Хам, редовна професорка од истиот оддел, со сочни мејлови им сугерирала на членовите на таканаречениот Матичен одбор, кој во случајов одлучува за изборите, а во кој и самата членува, дали одреден колега да се „пушти" или не. „Ма треба да го одбиеме, може да биде доцент уште пет години (доцент - најниско наставно звање), ништо нема да му биде, само ќе сфати каде му е местото", пишала таа за кандидираниот. Но ова е само почеток. Истата професорка за друг колега пишала дека е „животинка која им се вовлекува во г'з на надредените", дека „важи за кретен и меѓу студентите", а за колешка дека е „кучка и се прави блесава".
Овие пораки таа ги праќала од службената електронска адреса на факултетот, во работно време. Четворица професори од истиот Универзитет, шокирани од нивната содржина, сега бараат суспензија на проф. Хам, и покренување на кривична постапка.
Ова не е прв пат професорката да ги коментира на ваков начин ликовите и делата на нејзини колеги. Таа наводно меѓу студентите зборувала дека на отсекот за хрватски јазик и книжевност на истиот факултет постојат две струи - хрватска и пројугословенска, а раководителот на овој отсек во преписките го нарекла „свиња" и бара негово психијатриско вештачење бидејќи забележала дека „се тресе и се сецка".
Сето ова ни се виде посебно интересно и затоа што професорката е главен и одговорен уредник на стручно списание од областа на лингвистиката „Јазик", и активен поборник за промоција на современиот (читај: чист) хрватски во земјата и светот. Ете, вака се дава својот придонес кон развој на терминологијата.